Плачот 3:1-33
Плачот 3:1-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас сум човек, кој видов мака од палката на Неговиот гнев; Тој ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина. Тој се сврте само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја; го исцеди телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои; ме загради и ме опколи со горчила и маки; ме постави во темно место, како одамна умрените; ме огради со ѕид, да не можам да излезам, ми направи тешки вериги; и, кога викав и пискав, ја одбиваше молитвата моја; со камења ги прегради патиштата мои, ги попречи патеките мои. Тој стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место; ме истера по беспаќа и ме раскина, ме уништи; го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела; ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја. Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна шега. Ме презасити со горчила, со пелин ме напои; со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри. Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи и реков: дотраја животот мој и надежта моја од Господ. Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката. Душата моја постојано се сеќава на тоа и премалува во мене. Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж: по милоста на Господ не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема! Господ е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам. Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара. Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господ. Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја. Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето врз него. Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж. Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презаситување, бидејќи Господ не отфрла за навек. Пратил ли неволја, Тој и ќе се смилува според Својата голема милост. Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува синовите човечки.
Плачот 3:1-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Јас сум човек, што ја запозна бедата под прачката на Неговиот гнев. Мене ме одведе и ме натера да одам во темнина и без светлина. И токму мене ме бие и ме удира непрекратно Неговата рака. Го исцеди моето месо, мојата кожа, ги искрши моите коски. Ми направи јарем, главата ми ја опточи со тешкотии. Ме остави да живеам во темнини, како одамна умрените. Ме соѕида, и јас не можам да излезам, ми ги стежна моите окови. Кога викав и молев за помош, ја одбиваше мојата молитва. Ми ги соѕида патиштата со делкан камен, ми ги затрупа моите патишта. За мене Тој беше мечка која дебне, лав во заседа. Ме водеше во непроодни патишта, ме раскинуваше, ме оставаше да умирам. Го оптегнуваше Својот лак и ме гаѓаше како цел за своите стрелички. Во слабините ми ги закачи стреличките, синовите на својот тул. Станав смешен за својот народ, секојдневна нивна песна. Ме хранеше со горчина, ме напојуваше со пелин. Ме оставаше да ги кршам забите гризејќи камен, ме закопуваше во пепел. И го одзеде мирот на мојата душа, и ги заборавив добрите работи. Реков: дотраја мојата сила и надежта, која ми доаѓа од Господа. Спомни си за мојата беда и страдањата, за пелинот и за отровот! Непрекратно мисли на тоа и се суши душата во мене. Тоа го носам во срцето и затоа се надевам. Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема! „Господ е мој дел,“ ми вели душата, и затоа се надевам во Него.“ Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара. Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение од Господа. Блазе му на човекот кога тој носи јарем во својата младост. Нека седи во осаменост и нека молчи, зашто Тој му го наметна тоа; нека ги долепи усните до правот, можеби уште има надеж! Нека му го сврти образот на оној, кој го бие, нека се засити со подигравка. Зашто Господ не отфрла никого засекогаш: зашто и ако растажи, Тој се смилува заради Својата голема љубов. Бидејќи Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки.