Јас сум човек, што ја запозна бедата под прачката на Неговиот гнев. Мене ме одведе и ме натера да одам во темнина и без светлина. И токму мене ме бие и ме удира непрекратно Неговата рака. Го исцеди моето месо, мојата кожа, ги искрши моите коски. Ми направи јарем, главата ми ја опточи со тешкотии. Ме остави да живеам во темнини, како одамна умрените. Ме соѕида, и јас не можам да излезам, ми ги стежна моите окови. Кога викав и молев за помош, ја одбиваше мојата молитва. Ми ги соѕида патиштата со делкан камен, ми ги затрупа моите патишта. За мене Тој беше мечка која дебне, лав во заседа. Ме водеше во непроодни патишта, ме раскинуваше, ме оставаше да умирам. Го оптегнуваше Својот лак и ме гаѓаше како цел за своите стрелички. Во слабините ми ги закачи стреличките, синовите на својот тул. Станав смешен за својот народ, секојдневна нивна песна. Ме хранеше со горчина, ме напојуваше со пелин. Ме оставаше да ги кршам забите гризејќи камен, ме закопуваше во пепел. И го одзеде мирот на мојата душа, и ги заборавив добрите работи. Реков: дотраја мојата сила и надежта, која ми доаѓа од Господа. Спомни си за мојата беда и страдањата, за пелинот и за отровот! Непрекратно мисли на тоа и се суши душата во мене. Тоа го носам во срцето и затоа се надевам.
Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема! „Господ е мој дел,“ ми вели душата, и затоа се надевам во Него.“ Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара. Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение од Господа. Блазе му на човекот кога тој носи јарем во својата младост. Нека седи во осаменост и нека молчи, зашто Тој му го наметна тоа; нека ги долепи усните до правот, можеби уште има надеж! Нека му го сврти образот на оној, кој го бие, нека се засити со подигравка. Зашто Господ не отфрла никого засекогаш: зашто и ако растажи, Тој се смилува заради Својата голема љубов. Бидејќи Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки.