Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јов 13:1-16

Јов 13:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Ете, сето тоа окото мое го виде, увото мое го чу и го разбра. Колку што знаете вие, знам и јас; не сум подолу од вас. Но јас кон Седржителот би сакал да говорам, би сакал со Бога да се соочам. Зашто вие сте ковачи на лаги; сите вие сте бесполезни лечители. Кога би знаеле да молчите, би било тоа ваша најголема мудрост. Ислушајте го мојот приговор и проникнете во жалбите на усните мои. Требаше ли да говорите заради Бога неправда и заради Него да говорите лага? Требаше ли да бидете пристрасни кон Него и за Бога така да се препирате? Добро ли ќе биде, Тој да ве испитува? Ќе Го измамите ли како што се измамува човек? Тој строго ќе ве казни, иако скриш­но лицемерите. Зар големината Негова не ве плаши, и страв од Него не ве обзема? Вашите забелешки прилегаат на пепел; вашата одбрана е глинена ограда. Молкнете пред мене, а јас ќе говорам што и да ме снајде. Зар јас самиот да си го раскинувам со забите телото свое? И душата своја да си ја ставам в рака? Тој нека ме убие, немам што повеќе да загубам; само сакам однесувањето мое пред лицето Негово да го оправдам. И тоа ми е веќе за спасение, бидејќи безбожник нема да се јави пред лицето Негово.

Јов 13:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Јас го видов сѐ тоа со своите очи, чув со своите уши и разбрав. Сѐ што знаете вие тоа го знам и јас, во ништо не сум полош од вас. Затоа, треба да зборувам со Сѐдржителот, да ја изложам својата причина пред Бога. Зашто, вие сте вистински ковачи на лагата и вие сте сите напразни лекари! Кога бисте знаеле да молчите, ќе ја покажевте својата мудрост! Сепак слушајте ги моите докази, чујте ја причината на моите усни. Зар заради Бога зборувате лаги и зар заради Него се тие измамливи зборови? Зар сакате пристрасно да Го браните Бога? Зар сакате да Му бидете застапници? Зар би било добро Тој да ве испита? Зар бисте Го измамиле како човек? Тој ќе ве изобличи со претешка казна, заради вашата потајна пристрасност. Зар не ве плаши Неговото величество и зар не ве опфаќа ужас од Него? Вашите причини се пословици од пепел, вашата одбрана е одбрана од кал. Молкнете сега! Оставете ме да зборувам, па после нека ме снајде што му е мило. Зар своето тело да го кинам сам со забите? Зар да го упропастувам животот со својата рака? Тој може да ме убие: немам друга надеж, туку да ги оправдам своите патишта пред Него. И тоа е веќе залог за моето спасение, зашто лицемер не може да стапи пред Него.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност