Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 9:24-34

Јован 9:24-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Така тие по вторпат го повикаа човекот што беше слеп и му рекоа: „Биди искрен пред Бог! Ние знаеме дека Тој човек е грешник!“ „Јас не знам дали е Тој грешник“, - им одговори тој - „но, една работа знам: слеп бев, а сега гледам!“ На тоа тие му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ „Веќе ви кажав“, - им одговори тој - „но вие не слушате! Зошто повторно сакате да чуете? Да не сакате и вие да станете Негови ученици?“ Тие почнаа да го навредуваат, велејќи: „Ти си Негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј! Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а не знаеме од каде е Овој Човек!“ „Чудно!“ - им одговори човекот - „Вие не знаете од каде е, но Тој ми ги отвори очите! Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја. Од почетокот на светот па до денес, не се чуло некој да му ги отвори очите на слепороден човек! Ако Тој Човек не беше од Бога, не ќе можеше ништо да стори.“ Тие му возвратија: „До гуша си во гревови! Ти ли нас ќе не учиш!?“ И го исфрлија надвор.

Јован 9:24-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“ А тој одговори и рече: „Дали е гре­шен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.“ Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ Тој им одговори: „Јас веќе ви реков и не чувте; зошто сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му ста­не­те ученици?“ А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви уче­ници! Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“ Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите! Знаеме дека Бог не слуша греш­ни­ци: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слу­ша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Тој не беше од Бога, не ќе мо­жеше да направи ништо.“ Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор.

Јован 9:24-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш повторно го повикаа човекот, кој беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Тој Човек е грешник.“ А тој им одговори: „Дали е грешник - не знам; едно знам, дека бев слеп, а сега гледам.“ Тогаш му рекоа пак: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?“ Им одговори: „Веќе ви реков, и не чувте; што сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да Му станете ученици?“ Тие го укорија и рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеја; а од каде е Овој, не знаеме.“ Човекот им одговори и рече: „Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а ги отвори моите очи. Знаеме дека Бог не слуша греш-ници, туку, ако е некој богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша. Откако е веков не се чуло некој да отворил очи на слепороден; ако Тој не беше од Бога, не би можел да направи ништо.“ Му одговорија и рекоа: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе нѐ учиш нас?“ И го истераа надвор.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност