Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 21:1-19

Јован 21:1-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака: Се беа собрале Симон Петар, Близнакот Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици. Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо. В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа. Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие. Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија. Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот. Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите. Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен. Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“ Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина. „Дојдете, јадете!“ - им рече Исус. А никој од учениците не се осмели да Го праша: „Дали си навистина Ти, Господе?“, зашто знаеја дека Тој е нивниот Господ. Исус зеде од лебот и им раздаде, а истото го направи и со рибите. Ова беше веќе третпат како Исус им се појави на Своите ученици откако воскресна од мртвите. Кога се најадоа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ „Да, Господе“, - Му одговори тој - „Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Тогаш, храни ги Моите јагниња!“ И вторпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?“ „Да, Господе“, - Му одговори Петар - „Ти знаеш дека Те сакам.“ „Тогаш, грижи се за Моите овци“ - му рече Исус. Исус и третпат проговори и овојпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали што Исус третиот пат го праша: „Ме сакаш ли?“, па Му рече: „Господе, Ти знаеш се, Ти знаеш дека Те сакам!“ „Тогаш храни ги Моите овци!“ - му рече Исус. „Додека си млад, сам се препашуваш и одиш каде што сакаш. Но, те уверувам дека, кога ќе остариш, ќе ги пружиш рацете и други ќе те препашат и ќе те одведат таму каде што не сакаш.“ Исус го рече ова за да посочи со каква смрт Петар ќе Го прослави Бога. Потоа, Исус му рече на Петар: „Дојди со Мене!“

Јован 21:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијад­ското Море. А тоа се случи вака: беа заедно Симон Петар и Тома, ко­го го викаа Близнак, Натанаил од Кана Галилејска, Заведеевите синови и двајца други од учениците Негови. Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.“ Му рекоа: „И ние ќе дој­де­ме со тебе.“ Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија. А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не го познаа дека е Исус. Исус им рече: „Чеда, имате ли неш­то за јадење?“ Му одговорија: „Не.“ А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе нај­де­те!“ Ја фрлија, и не можеа веќе да ја из­влечат од многу риби. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петар: „Тоа е Господ!“ А Симон Петар, штом чу дека е Гос­под, си ја препаша облеката – зашто бе­ше необлечен, и се фрли во морето. А другите ученици, влечејќи ја мре­жата со риби, дојдоа со кораб, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти. Кога пак излегоа на брегот, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“ А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со крупни ри­би, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина. Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ. Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јо­ва­нов, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“ Го праша пак, повторно: „Симоне Јованов, Ме љубиш ли?“ Петар Му ка­жа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“ И по третпат му рече: „Симоне Јо­ванов, Ме љубиш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме љубиш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои! Вистина, вистина ти велам: кога бе­ше помлад, сам се препашуваше и оде­ше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаша и поведе на каде што неј­ќеш.“ А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Петар Бога. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“

Јован 21:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа Исус им се јави пак на учениците, на Тиверија-дското Море; имено, им се јави вака: Симон Петар и Тома, на-речен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска и Зеведеевите синови, и други двајца од Неговите ученици, беа заедно. Симон Петар им рече: „Одам да ловам риби!“ Му рекоа: „Доаѓаме и ние со тебе.“ Така излегоа и влегоа во кораб, но таа ноќ не фатија ништо. А кога се разденуваше, Исус застана на брегот; но учениците не знаеја дека е Исус. Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?“ Му одговорија: „Немаме.“ А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата оддесно на коработ и ќе најдете.“ И така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од мноштво риби. Тогаш ученикот - кого Исус го љубеше - му рече на Петра: „Господ е.“ Штом Симон Петар чу дека е Господ, си ја препаша облеката, зашто беше необлечен, и скокна во морето. А другите ученици дојдоа со коработ - влечејќи ја мрежата со рибите, зашто не беа далеку од копното, туку околу двеста лакти. Кога пак излегоа на земјата, видоа: положена жар, и риба врз неа, и леб. Исус им рече: „Донесете од рибите, што ги фати-вте сега!“ Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина. Исус им рече: „Дојдете и јадете!“ Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?“- зашто знаеја дека е Господ. Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така. Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите. Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?“ тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.“ Му рече: „Паси ги Моите јагниња!“ Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?“ Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.“ Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!“ Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти знаеш сѐ, Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Паси ги Моите овци!“ Вистина, вистина ти велам: кога беше по-млад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш. А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност