Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 21:1-19

Јован 21:1-19 MNT

Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака: Се беа собрале Симон Петар, Близнакот Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици. Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо. В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа. Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие. Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија. Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот. Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите. Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен. Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“ Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина. „Дојдете, јадете!“ - им рече Исус. А никој од учениците не се осмели да Го праша: „Дали си навистина Ти, Господе?“, зашто знаеја дека Тој е нивниот Господ. Исус зеде од лебот и им раздаде, а истото го направи и со рибите. Ова беше веќе третпат како Исус им се појави на Своите ученици откако воскресна од мртвите. Кога се најадоа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ „Да, Господе“, - Му одговори тој - „Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Тогаш, храни ги Моите јагниња!“ И вторпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?“ „Да, Господе“, - Му одговори Петар - „Ти знаеш дека Те сакам.“ „Тогаш, грижи се за Моите овци“ - му рече Исус. Исус и третпат проговори и овојпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали што Исус третиот пат го праша: „Ме сакаш ли?“, па Му рече: „Господе, Ти знаеш се, Ти знаеш дека Те сакам!“ „Тогаш храни ги Моите овци!“ - му рече Исус. „Додека си млад, сам се препашуваш и одиш каде што сакаш. Но, те уверувам дека, кога ќе остариш, ќе ги пружиш рацете и други ќе те препашат и ќе те одведат таму каде што не сакаш.“ Исус го рече ова за да посочи со каква смрт Петар ќе Го прослави Бога. Потоа, Исус му рече на Петар: „Дојди со Мене!“