Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 19:17-42

Јован 19:17-42 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Носејќи го сам крстот, Исус дојде до местото наречено Череп, кое на арамејски јазик се вика Голгота. Таму Го распнаа, заедно со уште други двајца: едниот од едната, другиот од другата страна на Исус. Пилат нареди на дрвена плоча да се напише обвинението и да се прицврсти на крстот. Текстот гласеше: „Исус од Назарет, цар на Евреите.“ Многумина од Евреите го прочитаа овој натпис, зашто местото каде што Го распнаа Исуса беше близу до градот. Текстот беше напишан на арамејски, на латински и на грчки јазик. Свештеничките поглавари му рекоа на Пилат: „Зошто си напишал ,Цар на Евреите‘? Требаше да напишеш: ?Самопрогласен цар на Евреите!‘“ „Што напишав - напишав!“ - им одговори Пилат. Откако Го распнаа Исуса, војниците Му ги зедоа алиштата и ги разделија на четири дела - по еден дел за секој војник. Но туниката на Исус беше без раб, исткаена од еден дел. Затоа тие си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку ајде да фрлиме жрепка за неа, па да видиме кој од нас ќе ја добие!“ Така се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Моите алишта си ги разделија, а за туниката фрлија жрепка.“ Веднаш до Исусовиот крст стоеја Неговата мајка, нејзината сестра, чие име беше Марија, која му беше сопруга на Клопас, и Марија Магдалена. Кога Исус ги виде Својата мајка и Својот милен ученик крај неа, Тој и рече на мајка си: „Жено, сега тој ќе ти биде син!“ Потоа му рече на ученикот: „Отсега таа нека ти биде мајка!“ Од тој ден, тој ја зеде Исусовата мајка кај себе. Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум!“ Таму имаше еден сад полн со вински оцет. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп, Му го принесоа до устата. Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре. Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата. Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус. А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете. Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода. Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие. Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“ На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа.“ Подоцна Јосиф од градот Ариматеја, кој беше таен Исусов следбеник, поради страв од Евреите, побара од Пилат да му го даде телото на Исус. Пилат му одобри и Јосиф отиде и го зеде телото од крстот. Дојде и Никодим со околу триесет и четири килограми смеса од ароматични смоли. Тоа беше оној Никодим кој порано беше дошол кај Исус ноќе. Тие го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во платно, заедно со ароматичните смоли, според еврејскиот обичај на подготвување за погреб. А на местото каде што Го распнаа имаше една градина и во неа една нова гробница, во која се уште никој не беше погребуван. Таму го положија телото на Исус, зашто гробот беше близу, а тие се брзаа, бидејќи беше ден на подготовка за саботата и Пасхата.

Јован 19:17-42 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота; таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“ Овој натпис го читаа мнозина од Ју­дејците, бидејќи местото, каде што бе­ше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Ју­дејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“ Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“ А војниците, кога Го распнаа Исус, ги зедоа алиштата Негови и ги раз­делија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не бе­ше шиен, туку исткаен одозгора па до­долу. Тогаш си рекоа: „Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците. Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Ма­рија Клеопова, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе. По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свр­шено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“ Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го зака­чија на трска и Му принесоа до устата Негова. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат ко­лената и да ги симнат. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него. А кога дојдоа до Исус и го видоа де­ка беше веќе умрен, не Му ги пре­кр­ши­ја колената; но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода. И тој што виде – посведочи, и све­доштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие. Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“ И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“ Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилат да го симне телото и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. Го зедоа телото Исусово и го завит­каа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган. Таму Го положија Исус поради пе­токот јудејски, зашто гробот беше бли­зу.

Јован 19:17-42 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота; каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.“ Натпи-сот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки. Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’ Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“ А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!“ за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците. А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сѐ, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!“ Та-му имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!“ па ја наведна главата и го предаде духот. Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него; и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие. Имено, сѐ ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.“ А на друго место Писмо-то вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!“ Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусо-вото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело. А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено пла-тно со мириси. А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен. Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност