Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВАН 19:17-42

ЈОВАН 19:17-42 MKB

А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота; каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.“ Натпи-сот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки. Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’ Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“ А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!“ за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците. А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сѐ, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!“ Та-му имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!“ па ја наведна главата и го предаде духот. Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него; и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие. Имено, сѐ ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.“ А на друго место Писмо-то вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!“ Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусо-вото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело. А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено пла-тно со мириси. А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен. Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу.