Јован 17:6-12
Јован 17:6-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Татко! Јас Те објавив на луѓето што Ти ми ги даде од светот. Твои беа, но Ти ми ги даде и тие ја послушаа Твојата порака. Сега знаат дека се што имам, Ти Си ми го дал, зашто пораката што Ти ми ја даде, им ја пренесов и тие ја прифатија. Сега знаат дека од Тебе дојдов и веруваат дека Ти Ме испрати. Јас се молам за нив; не се молам за оние што му припаѓаат на светот, туку за оние што ми ги даде, зашто се Твои. Се што имам Јас е Твое, и се што имаш Ти е Мое; тие ќе ми донесат слава. Свети Татко! Јас повеќе не сум во светот, зашто се враќам кај Тебе, но тие остануваат во светот. Зачувај ги преку силата на Своето име што Ти ми го даде, за да бидат едно, како што Ти и Јас сме едно. Додека бев со нив, Јас ги чував преку силата на Твоето име што Ти ми го даде, и ги зачував. Никој од нив не се загуби, освен синот на пеколот, за да се потврди претскажаното во Светото Писмо.
Јован 17:6-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. Сега разбраа дека сѐ што си Ми дал, е од Тебе; зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и разбраа навистина дека од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил. Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои. И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив. Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам кај Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото.
Јован 17:6-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
“Им го јавив Твоето Име на луѓето, кои Ми ги даде од светот. Твои беа, и Ми ги даде Мене, и го запазија Твоето Слово. Сега сознаа дека е од Тебе сѐ, што си Ми дал; зашто зборовите, што Ми ги даде, им ги предадов ним, а тие ги примија и навистина сознаа дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати. Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои, и сѐ Мое - е Твое, и Твоето - Мое; и се прославив во нив. И не Сум повеќе во светот, а тие се во светот, Јас идам при Тебе. Свети Татко, запази ги во Твое име оние, кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние. Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние, кои Ми ги даде, и ги запазив, па ниеден од нив не погина, освен синот на гибелта за да се исполни Писмото.