Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 13:21-30

Јован 13:21-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Откако го рече ова, Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“ Учениците започнаа да се загледуваат еден во друг, прашувајќи се за кого зборува. Еден од Неговите ученици беше навален на Исусовите гради. Тој му беше најомилениот ученик на Исус. Нему Симон Петар му даде знак да праша на кого се однесува реченото? Тој повторно се навали на Исусовите гради и Го праша: „Господе, за кого зборуваш?“ Исус му одговори: „Тоа е оној на кого ќе му го дадам залакот што ќе го макнам.“ Потоа го макна залакот и му го даде на Јуда Искариот, син на Симон. Веднаш по залакот, Сатаната влезе во Јуда. Исус, пак, му рече: „Направи го брзо тоа што си наумил да го направиш!“ Но никој од присутните не разбра зошто Исус му рече така. Јуда беше задолжен за ќесето со пари, па некои помислија дека Исус му порачува да купи се што е потребно за празникот, или да им даде нешто на сиромасите. Кога Јуда го прими залачето леб веднаш излезе. А беше ноќ.

Јован 13:21-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Штом го рече ова, Исус, потресен во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“ Тогаш учениците почнаа да се пог­леднуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува. А еден од учениците, кого Исус го сакаше, беше се навалил на градите Исусови. Нему му даде знак Симон Петар да праша кој ли ќе е тој за кого што го­вори. Тој, пак, се навали на градите Ису­сови и Му рече: „Кој е Господи?“ Исус одговори: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го по­да­дам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе пра­виш, прави побргу!“ А никој од оние што седеа на тр­пе­зата не разбраа зошто му го рече тоа. Но, бидејќи Јуда го чуваше ков­че­жето, некои помислија дека Исус му ре­че: „Купи што ни треба за празникот!“ или да раздаде нешто на сиромасите. А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ.

Јован 13:21-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Штом го рече тоа, Исус се возбуди во духот, па посведочи и рече: „Вистина, вистина ви велам: дека еден од вас ќе Ме предаде.“ Тогаш учениците се погледнаа еден со друг со двоумење за кого зборува. А еден од Неговите ученици, кого Исус го љубеше, беше прилегнал на Исусовите гради; тогаш Симон Петар му даде знак и му рече: „Кажи, за кого зборува!“ Така, тој се потпре на Исусовите гради и му рече: „Гос-поди, кој е?“ Исус одговори: „Тоа е оној, кому ќе му натопам залак, и ќе му го подадам.“ И го натопи залакот, го зеде и му го даде на Јуда Симонов Искариот. И отка-ко го зеде залакот, сатаната влезе во него. Исус пак му рече: „Што правиш, прави побргу!“ Но никој од оние, што седеа покрај трпезата, не разбра, зошто му го рече тоа. Но, бидејќи кај Јуда беше благајната, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни е потребно за празникот!“ или да раздаде нешто на сиромасите. Штом го зеде залакот, Јуда излезе веднаш, а беше ноќ.