Јован 12:20-50
Јован 12:20-50 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус. Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава. Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“ „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел дојдов на овој свет! Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“ Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. Сега е време за суд над овој свет. Владетелот на овој свет сега ќе биде соборен. А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре. Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“ „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината, додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив. Иако Исус направи толку големи чуда пред Евреите, најголемиот дел од нив, сепак не поверуваа во Него, за да се исполни пророштвото изречено од пророкот Исаија: „Господе, кој и поверува на нашата порака? На кого да му се објави спасоносната сила Господова?“ Тие не можеа да поверуваат, зашто Исаија го рекол и следното: „Бог им ги ослепе очите и им го закорави умот на овие луѓе, за да не гледаат со очите, и да не разберат со умот, та да се обратат и Јас да ги излекувам.“ Исаија го кажа ова затоа што ја виде Христовата слава и зборуваше за Него. Па, иако многумина од старешините поверуваа во Исус, сепак, поради фарисеите криеја, за да не бидат исклучени од синагогата. Тие повеќе сакаа да добијат пофалба од луѓето, отколку од Бог. Тогаш Исус гласно извика: „Секој што верува во Мене, истовремено верува и во Оној што Ме испрати! Секој што Ме гледа Мене, Го гледа Оној што Ме испрати. Јас дојдов за да бидам светлина на овој свет. Кој верува во Мене, нема да живее во мрак. Јас нема да им судам на оние што ги слушаат Моите зборови, а не ги исполнуваат, зашто Јас дојдов да го спасам светот, а не да му судам. За оние што Ме отфрлаат и не ги примаат Моите зборови постои Судија: учењето што го објавив ќе им суди на Судниот Ден. Јас не зборувам од самоволие, туку го кажувам и го објавувам она што ми го кажа Таткото Кој Ме испрати. Јас знам дека Неговите заповеди носат вечен живот. Значи, сето ова што го зборувам Јас е она што Таткото Ми заповеда да го кажам.“
Јован 12:20-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини. Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исус.“ Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус. Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.“ А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“ Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“ А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“ Тогаш Христос им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив. Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него, за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: „Господи, кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“ Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели: „Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обратат за да ги излекувам.“ Ова го рекол Исаија кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него. Но, и од началниците мнозина поверуваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата; зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја. А Исус подигна глас и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној Кој Ме пратил, кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил. Јас – Светлина – дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина. И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, зашто не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам. Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам, но Отецот, Кој Ме прати. Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што го зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.“
Јован 12:20-50 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Меѓу поклониците, дојдени на празникот, имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Галилејска Витсаида, и го помолија, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса. Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и Му кажаа на Исуса. А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син. Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод. Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.“ Сега, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, избави Ме од овој час! - Но, заради тоа и дојдов до овој час! Татко, прослави го Твоето име! Тогаш дојде глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам.“ А народот, кој стоеше и го чу, рече: „Загрми!“- а други рекоа: „Ангел Му говори!“ Исус во одговор рече: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет. Сега кнезот на светов ќе биде исфрлен надвор! А Јас - кога ќе бидам издигнат од земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ Тоа го рече за да покаже со каква смрт ќе умре. Тогаш народот Му одговори: „Ние чувме од Законот дека Христос останува вечно. Тогаш, како велиш Ти дека Човечкиот Син треба да биде издигнат? Кој е тој Човечки Син?“ Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е меѓу вас! Одете додека имате светлина, за да не ве опфати темнината! Кој оди по темнина, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината.“ Исус го рече тоа, па отиде и се сокри од нив. Иако направи толку чуда пред нив, не веруваа во Него, за да се исполни словото, што го рече пророкот Исаија: „Господи, кој ѝ поверува на нашата проповед? И кому му се откри Господовата рака?“ Затоа не можеа да веруваат, зашто Исаија уште рече: „ Им ги заслепи очите, и им ги скамени срцата; за да не гледаат со очите, за да не разбираат со срцето; и за да не се обратат - и да не ги излечам.“ Исаија го рече тоа, зашто ја виде Неговата слава и зборуваше за Него. Сепак, мно-зина од првенците поверуваа во Него, но заради фарисеите не исповедуваа јавно, за да не бидат исфрлени од синагогата; зашто повеќе ја сакаа човечката слава, отколку Божјата слава. А Исус извика и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној, Кој Ме пратил. И кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, Кој Ме прати. Јас - Светлината - дојдов во светот, та ниеден, кој верува во Мене, да не остане во темнина. И ако некој ги чуе Моите зборови, а не ги пази - Јас нема да му судам: зашто не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам светот. Кој Ме отфрла Мене и не ги прима Моите зборови, има свој судија: Словото - што го изговорив - тоа ќе му суди во последниот ден. Зашто Јас не зборував Сам од Себе, туку Мојот Татко, Кој Ме прати, Тој Ми даде заповед што да речам и што да зборувам. И знам дека Неговата заповед е вечен живот. И така, што зборувам Јас; зборувам онака како што Ми зборуваше Мојот Татко.“