Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини. Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исус.“ Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус. Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.“ А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“ Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“ А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“ Тогаш Христос им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив.
Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него, за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: „Господи, кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“ Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели: „Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обратат за да ги излекувам.“ Ова го рекол Исаија кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него. Но, и од началниците мнозина поверуваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата; зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја.
А Исус подигна глас и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној Кој Ме пратил, кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил. Јас – Светлина – дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина. И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, зашто не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам. Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам, но Отецот, Кој Ме прати. Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што го зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.“