Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 12:1-11

Јован 12:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите. Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус. Тогаш Марија зеде половина литар чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот. Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече: „Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии, а парите да им се разделат на сиромасите!“ Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него. „Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“ Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите. Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара, бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус.

Јован 12:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата. А Марија зеде литар чисто скапоце­но миро, ги помаза нозете Исусови и ги избриша со косата своја нозете Негови; а куќата се исполни со мирис од мирото. Еден од учениците Негови, Јуда Си­монов Искариот, кој подоцна Го пре­даде, рече: „Зошто не се продаде ова миро за триста денарии, и тоа да се раздадеше на сиромаси?“ Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него. А Исус рече: „Оставете ја! Таа го за­пази тоа за денот на Мојот погреб; зашто сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.“ Мнозина од Јудејците разбраа дека Исус е таму, па дојдоа не само заради Исус, туку да го видат и Лазар, кого Тој го воскресна од мртвите. А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазар, зашто мнозина од Јудејците се из­дво­јуваа поради него и веруваа во Исус.

Јован 12:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

На шест дни пред Пасхата, Исус дојде во Витанија, каде беше Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера, и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние кои со Него седеа покрај трпезата. То-гаш Марија зеде литар миро, од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и Му ги избриша нозете со својата коса; и куќата се наполни со мирис од мирото. А Јуда Искариотски, еден од Него-вите ученици, кој сакаше да Го предаде, рече: “Зошто мирово не е продадено за триста динарии, за да бидат раздадени на сиромасите?“ Тоа не го рече дека се грижеше за бедните, туку зашто беше крадец; кај него беше ковчежето и земаше од она, што пуштаа во него. Но Исус рече: „Оставете ја! Нека го запази тоа за денот на Моето погребение. За-што сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.“ Многу Јудејци научија дека е таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого го воскресна од мртвите. Главните свештеници пак одлучија да го убијат и Лазара, зашто многу Јудејци заминуваа заради него и веруваа во Исуса.