Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 11:17-35

Јован 11:17-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри. Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат. Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома. Марта Му рече на Исус: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“ „Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус. Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“ Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“ „Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“ Откако го рече ова, Марта си замина и кришум ја повика својата сестра Марија, па и соопшти: „Учителот е овде и те вика!“ Штом го слушна тоа, Марија бргу стана и Му појде во пресрет. (Исус се уште не беше влегол во селото, туку беше на местото каде што Марта Го пресретна.) Кога Евреите што беа со неа во куќата за да ја утешуваат видоа како Марија бргу стана и замина, тргнаа по неа. Претпоставуваа дека таа оди на гробот на својот брат Лазар за да плаче. Кога Марија дојде до местото каде што беше Исус и кога Го виде, клекна пред Неговите нозе и Му рече: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!“ Кога виде Исус како плачат Марија и Евреите што беа со неа длабоко се натажи и се потресе. „Каде го погребавте?“ - запраша Тој. „Господе“, - Му рекоа тие - „дојди да видиш.“ Исус заплака.

Јован 11:17-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога дојде Исус, откри дека тој ве­ќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Еру­са­лим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле кај Марта и Марија да ги утешат за нив­ни­от брат. Кога чу Марта дека доаѓа Исус, из­лезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми не­маше да умре. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.“ Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе вос­кресне!“ Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во пос­ледниот ден.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресени­ето и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Ме­не, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“ Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“ Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.“ Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него; зашто Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше каде што Го беше до­чекала Марта. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. А Марија, штом пристигна таму ка­де што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“ Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се потресе, па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“ Исус просолзи.

Јован 11:17-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Исус пак дојде и најде дека е четири дена во гробот. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за братот. Штом чу Марта дека доаѓа Исус, Му излезе во пресрет; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше тука, не ќе умреше брат ми. И сега знам дека Бог ќе Ти даде, што и да помолиш од Бога.“ Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне.“ Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне, при воскресението, во последниот ден.“ Исус ѝ рече: „Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене - и да умре - ќе живее. И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли во ова?“ Му рече: „Да, Господи; јас верувам дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој треба да дојде во светов.“ Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и ѝ рече скришно: „Учителот е тука и те вика!“ И таа, штом го чу тоа, стана брзо и отиде при Него; имено, Исус уште не беше дошол во селото, туку беше на местото, каде Го сретна Марта. Јудејците пак, кои беа со неа дома и ја утешуваа, штом видоа дека Марија стана бргу и излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот, за да плаче таму. А кога Марија дојде таму, каде што беше Исус и кога Го виде падна пред Неговите нозе и Му рече: „Господи, да беше тука, немаше да умре брат ми.“ Кога Исус ја виде како плаче, и како плачат Јудејците, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе и рече: „Каде го поло-живте?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“ Исус просолзи.