Кога дојде Исус, откри дека тој веќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле кај Марта и Марија да ги утешат за нивниот брат. Кога чу Марта дека доаѓа Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.“ Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне!“ Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“ Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“
Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.“ Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него; зашто Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше каде што Го беше дочекала Марта. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“ Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се потресе, па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“ Исус просолзи.