Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 1:6-32

Јован 1:6-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Имаше еден човек по име Јован, ис­пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него. Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината. Беше Вистинска Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек, што доа­ѓа­ше во светов. Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји; кои не по крв, ни по желба на телото, ни од похот машка, туку од Бога се родија. И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“ И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат; зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината произлегоа од Исус Христос. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Тој Го објави. И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свеш­теници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“ И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ Одговори: „Не сум.“ „Про­рок ли си?“ И одговори: „Не.“ А тие му рекоа: „Па кој си, за да мо­жеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; Што велиш за себеси?“ Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Гос­по­довиот пат, како што вели пророкот Исаија.“ А испратените беа од фарисеите; и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?“ Јован им одговори и рече: „Јас крш­тавам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Тој е Оној што иде по мене, Кој бе­ше пред мене, и Кому јас не сум досто­ен да Му ги одврзам ремењата од обув­ките Негови.“ Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштаваше Јован. На другиот ден Го виде Јован Исус како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јаг­нето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи пос­тоеше пред мене. Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за Тој да му биде објавен на Израел.“ И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него.

Јован 1:6-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Се појави еден човек, по име Јован Крстител, кој беше испратен од Бог. Тој дојде како сведок, за да им каже на сите за Светлината и да ги упати луѓето во верата. Јован не беше Светлината; тој беше само сведок за Светлината. Вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, стапуваше на светската сцена. Иако Зборот беше во светот и светот беше преку Него создаден, светот не Го позна. Кај Своите дојде, но тие не Го прифатија. А на сите што Го прифатија - на оние што поверуваа во Него - им даде право да станат Божји чеда. Тие се нановородени, но овојпат не физички, не од телесна похота, или пак од волјата на маж, туку се родени од Бог. Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност. Јован посведочуваше за Него и викаше, велејќи: „Ова е Оној за Кого реков: ,По мене доаѓа еден Човек, Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘“ Од Неговата полнота сите ние примивме благослов врз благослов, зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а Исус Христос ни ги донесе љубовта и вистината. Никој, никогаш не Го видел Бога; но имаме објава за Него, преку Единородниот Син - Кој е Бог, и Кој произлегува од Таткото. Кога еврејските верски водачи од Ерусалим испратија кај Јован Крстител свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ - Јован им кажа отворено, тој призна и не порекна, туку им рече: „Јас не сум Месијата!“ „Тогаш, кој си?“ - го запрашаа тие пак - „Илија ли си?“ „Не сум!“ - им одговори Јован. „Пророкот ли си?“ „Не сум!“ - одговори тој. „Кажи ни кој си, зашто мораме да им однесеме одговор на оние што не пратија!“ - му рекоа тогаш тие. „Кажи, како се претставуваш себеси?“ Јован им одговори цитирајќи го пророкот Исаија: “Јас сум глас што вика во пустината: подгответе го патот за Господ!“ Некои од испратените беа припадници на фарисеите. Тие го запрашаа: „Зошто тогаш крштаваш, ако не си ни Месијата, ни Илија, ниту Пророкот?“ Јован им одговори: „Јас крштавам во вода, а меѓу вас има Еден, Кого вие не Го познавате. Иако јас дојдов пред Него, сепак не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам!“ Ова се случи во селото Бетанија, од источната страна на реката Јордан, каде што Јован крштаваше. Утредента, Јован Го виде Исуса како доаѓа кај него, па рече: „Еве го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот! Овој е Тој за Кого реков, ,По мене доаѓа еден Човек Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘ Јас не знаев Кој ќе биде Тој, туку дојдов да крштавам во вода, за Тој да му биде откриен на Израел.“ Тогаш Јован го даде следното сведоштво: „Јас бев таму и Го видов Светиот Дух Кој слезе како гулаб од небото и остана над Него.

Јован 1:6-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован. Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината. Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот. Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. Дојде при Своите, но Неговите не Го примија. А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога. И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина. Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!“ И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат. За-што, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син-Бог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.“ А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?“ И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.“ И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?“ „Не сум,“ одговори. „Да не си пророк?“ - „Не,“ одговори. Тогаш му рекоа: „Кој си?- за да можеме да им одговориме на оние, кои нѐ испратија! Што велиш ти за себеси?“ Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,“ како што рече пророкот Исаија.“ Испратените беа фарисеи. Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?“ “Јас крштавам со вода - им одго-вори Јован - но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Тој е Оној Кој доаѓа по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да му го одврзам ременот на Неговите обувки.“ Тоа се случи во Витавара, од онаа страна на Јордан, каде што крштаваше Јован. Утреден Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот! Овој е Оној за Кого ви реков: „По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене.“ Јас не Го познавав. Но затоа дојдов да крштавам во вода, за да му Го објавам на Израел.“ Јован сведочеше уште: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб, и застана над Него.