Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован. Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината.
Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот. Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. Дојде при Своите, но Неговите не Го примија. А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога.
И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина. Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!“ И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат. За-што, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината. Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син-Бог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.“
А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?“ И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.“ И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?“ „Не сум,“ одговори. „Да не си пророк?“ - „Не,“ одговори. Тогаш му рекоа: „Кој си?- за да можеме да им одговориме на оние, кои нѐ испратија! Што велиш ти за себеси?“ Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,“ како што рече пророкот Исаија.“ Испратените беа фарисеи. Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?“ “Јас крштавам со вода - им одго-вори Јован - но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Тој е Оној Кој доаѓа по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да му го одврзам ременот на Неговите обувки.“ Тоа се случи во Витавара, од онаа страна на Јордан, каде што крштаваше Јован.
Утреден Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот! Овој е Оној за Кого ви реков: „По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене.“ Јас не Го познавав. Но затоа дојдов да крштавам во вода, за да му Го објавам на Израел.“ Јован сведочеше уште: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб, и застана над Него.