Еремија 38:1-28
Еремија 38:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сафатија, синот Матанов, Годолија, синот Пашхуров, Јухал, синот Шелемиев, и Пашхур, синот Мелхиев ги чуја зборовите, што ги кажа Еремија пред народот, откако рече: „Вака вели Господ – оној, што ќе остане во овој град, ќе умре од меч, од глад и од помор; а оној, што ќе појде кај Халдејците, ќе остане жив, и животот ќе му биде како воен плен и тој ќе остане жив. Така вели Господ – овој град бездруго ќе биде предаден во рацете на војската од вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе.“ Тогаш кнезовите му рекоа на царот: „Овој човек нека биде предаден на смрт, зашто влијае да ослабат рацете на војниците, што ќе останат во овој град, рацете на сиот народ, откако им ги кажа тие зборови; бидејќи овој човек не му пожелува добро на овој народ, туку зло.“ И рече царот Седекија: „Ете, тој е во ваши раце, бидејќи царот не може ништо да направи против вас.“ Тогаш го фатија Еремија и го фрлија во јамата на Малкија, синот царев, кој беше во стражарницата, и го спуштија Еремија со јаже; во јамата немаше вода, туку само тиња, и Еремија падна во тињата. И чу Авдемелех Етиопјанецот, еден од дворјаните што се наоѓаше во царскиот дом, дека Еремија го фрлија во јамата, а царот тогаш седеше пред портите Венијаминови. Па излезе Авдемелех од царскиот дом и му рече на царот: „Господаре мој, царе, лошо ти направија оние луѓе што така постапија со пророкот Еремија, кого го фрлија во јамата; тој ќе умре таму од глад, зашто во градот веќе нема леб.“ Царот му заповеда на Авдемелех Етиопјанецот и рече: „Земи со себе одовде триесетина луѓе и извлечи го пророкот Еремија од јамата, додека уште не умрел!“ Авдемелех зеде со себе луѓе и влезе во царскиот дом, во подземјето, и зеде оттаму износени алишта, стари крпи, па ги спушти со јаже во јамата кај Еремија. И му рече Авдемелех Етиопјанецот на Еремија: „Стави ги тие ветви алишта и крпите под мишките на рацете свои, под јажето.“ И Еремија направи така. Па го повлекоа Еремија со јажето и го извлекоа од јамата. И остана Еремија во стражарницата. Тогаш царот Седекија прати, па го повика при себе Еремија, кај третиот влез во домот Господов; и му рече на Еремија: „Ќе те прашам нешто, но не сокривај ништо од мене.“ И му рече Еремија на Седекија: „Ако ти откријам, нема ли да ме предадеш на смрт, а ако те посоветувам, ти нема да ме послушаш.“ И му се заколна тајно царот Седекија на Еремија, велејќи: „Жив Господ, Кој ни ја создаде душата, нема да те предадам на смрт и нема да те предадам во рацете на оние луѓе, што ја бараат душата твоја.“ Тогаш Еремија му рече на Седекија: „Вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израелов – ако отидеш кај кнезовите на вавилонскиот цар, душата ќе ти остане жива, и овој град нема да биде изгорен со оган, и ти ќе бидеш жив, а и домот твој; ако, пак, не појдеш кај кнезовите на вавилонскиот цар, овој град ќе биде предаден во рацете на Халдејците, и тие со оган ќе го изгорат, а ти нема да побегнеш од рацете нивни.“ И му рече царот Седекија на Еремија: „Се плашам од Јудејците, кои појдоа кај Халдејците, за да не ме предадат Халдејците во рацете нивни, па тие да се исмеат со мене.“ И му рече Еремија: „Нема да те предадат; послушај го гласот Господов за ова, што ти го кажувам, па ќе ти биде добро, и жива ќе остане душата твоја. Ако, пак, не сакаш да појдеш, еве го словото, што ми го откри Господ: ете, сите жени, што ќе останат во домот на јудејскиот цар, ќе бидат одведени кај кнезовите на вавилонскиот цар, и ќе речат: ‚тебе те излажаа и те победија твоите пријатели; нозете твои потонаа во тиња, а тие побегнаа од тебе, и сите твои жени и децата твои ќе ги одведат кај Халдејците, и ти не ќе можеш да избегаш од рацете нивни; ти ќе бидеш грабнат од раката на вавилонскиот цар и ќе направиш овој град да биде изгорен со оган.‘“ И му рече Седекија на Еремија: „Никој да не ги знае овие зборови, и тогаш ти нема да умреш; ако, пак, чујат кнезовите дека сум зборувал со тебе, и дојдат кај тебе и ти речат – кажи ни, што му зборуваше на царот, не криј од нас, и ние нема да те убиеме, а и она, што ти рече царот, тогаш кажи им: јас му ја изнесов пред лицето на царот мојата молба, за да не ме враќа во домот на Јонатан, па да не умрам таму.“ И дојдоа сите кнезови кај Еремија и го прашаа, а тој им одговори точно онака, како што му беше заповедал царот да каже, и тие молчешкум го оставија, бидејќи не го дознаа она што му беше речено на царот. И остана Еремија во стражарницата до денот, во кој Ерусалим беше преземен. И Ерусалим го презедоа.
Еремија 38:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сефатиј, синот Матанов, и Годолиј, синот Пасхоров, и Јухал, синот Малхиин, чуја тогаш за зборовите што Еремија му ги кажа на сиот народ: „Господ зборува вака: ‘Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, од глад и од помор. А кој ќе излезе пред Халдејците, ќе го спаси животот - животот ќе му остане како корист, ќе остане жив.’ Зашто Господ зборува вака: ‘Овој град навистина ќе падне во рацете на војската на вавилонскиот цар и таа ќе го заземе!’“ Тогаш кнезовите му рекоа на царот: „Овој човек треба да биде убиен: тој навистина ги обесхрабрува воините кои уште останаа во градот и сиот народ, кога зборува такви зборови пред нив. Па тој човек не го бара доброто на овој народ, туку неговата пропаст.“ А царот Седекија одговори: „Ете, тој е во вашите раце, зашто царот и така нема веќе власт над вас.“ Тогаш го грабнаа Еремија и го фрлија во јамата на царскиот син Малхиј, што беше во темничкиот двор, и тие го спуштија со јажиња. Ама во водособиралиштето немаше вода, туку само тиња, така што Еремија пропадна во тињата. Но Кушитот Авде-Мелех, дворјанец кој беше во царскиот дворец, чу дека Еремија го фрлија во водособиралиштето додека царот токму седеше кај Венијаминовата Врата. Тогаш Авде-Мелех излезе од царскиот дворец, та вака му рече на царот: „Господине, цару мој, овие луѓе прават зло кога постапуваат така со пророкот Еремија: го фрлија во јамата, каде ќе умре од глад, зашто нема леб во градот.“ Тогаш царот му заповеда на Етиопецот Авде- Мелех: „Поведи оттука тројца луѓе, па извлечете го пророкот Еремија од водособиралиштето, додека не умрел.“ И Авде-Мелех ги поведе луѓето, влезе во царскиот дворец, под ризницата: зеде таму малку износени и искинати облеки, та со јаже му ги спуштија на Еремија во јамата. Кушитот Авде-Мелех му рече на Еремија: „Сложи ги износените и искинатите облеки под пазувата и под јажињата.“ Еремија направи така. Тогаш со јажињата го извлекоа Еремија од јамата. Оттогаш Еремија остана во темничкиот двор. Царот Седекија испрати по пророкот Еремија, та го повика да дојде кај него на третиот влез што води во Господовиот Дом. Царот му рече на Еремија: „Сакам да те прашам нешто, немој ништо да ми затаиш!“ Еремија му одговори на Седекија: „Ако ти кажам, нема ли да ме погубиш? Ако пак те посоветувам, не ќе ме послушаш!“ Тогаш царот Седекија му се заколна во тајност на Еремија со овие зборови: „Живиот ми Господ, Кој ни го даде овој живот, не ќе те погубам и не ќе те предадам на оние што ти работат спроти главата.“ И така, Еремија му рече на Седекија: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако излезеш пред војсководачите на вавилонскиот цар, ќе ја спасиш главата, и овој град нема да биде уништен со оган; ќе живеете ти и твојот дом. Ако пак не излезеш пред војсковотците на вавилонскиот цар, овој град ќе падне во рацете на Халдејците, и тие ќе го спалат, а ти не ќе се спасиш од нивните раце.’“ А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.“ Еремија одврати: „Тие нема да го направат тоа. Послушај го Господовиот глас, според кој ти зборував, ќе ти биде добро и ќе го спасиш својот живот. Ама ако не сакаш да излезеш од градот, еве го словото што Господ ми го објави: ‘Ете, сите жени кои уште останаа во дворецот на јудејскиот цар ќе бидат одведени кај војсковотците на вавилонскиот цар и ќе зборуваат: „Те заведоа, Те совладаа, твоите верни пријатели! Кога нозете ти пропаѓаат во кал, тие те напуштаат!“ Да, сите твои жени и твои деца ќе ги одведат кај Халдејците, а ни ти самиот нема да им избегаш на нивните раце: ќе допаднеш во рацете на вавилонскиот цар, а овој град ќе биде изгорен.’“ Седекиј му рече на Еремија: „Никој жив не смее да научи нешто за тоа, инаку ќе умреш. И така, ако кнезовите научат дека разговарав со тебе, па дојдат кај тебе и речат: ‘Та јави ни што ти кажа царот тебе, а ти нему; не криј ништо пред нас, инаку ќе те убиеме,’ одговори им: ‘Го молев царот да не ме враќа веќе во Јонатановата куќа, за да не умрам таму!’“ И навистина, кнезовите дојдоа кај Еремија, па го испитуваа. Ама тој им одговори токму онака како што му беше наредил царот. Тогаш го оставија, зашто ништо не се расчу за оној разговор. И така, Еремија го оставија во темничкиот трем сѐ до денот кога непријателот го зазеде Ерусалим. Кога го зазедоа Ерусалим, тој беше таму.