Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 38

38
6. Еремија во јама
1Сефатиј, синот Матанов, и Годолиј, синот Пасхоров, и Јухал, синот Малхиин, чуја тогаш за зборовите што Еремија му ги кажа на сиот народ: 2„Господ зборува вака: ‘Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, од глад и од помор. А кој ќе излезе пред Халдејците, ќе го спаси животот - животот ќе му остане како корист, ќе остане жив.’ 3Зашто Господ зборува вака: ‘Овој град навистина ќе падне во рацете на војската на вавилонскиот цар и таа ќе го заземе!’“ 4Тогаш кнезовите му рекоа на царот: „Овој човек треба да биде убиен: тој навистина ги обесхрабрува воините кои уште останаа во градот и сиот народ, кога зборува такви зборови пред нив. Па тој човек не го бара доброто на овој народ, туку неговата пропаст.“ 5А царот Седекија одговори: „Ете, тој е во вашите раце, зашто царот и така нема веќе власт над вас.“
6Тогаш го грабнаа Еремија и го фрлија во јамата на царскиот син Малхиј, што беше во темничкиот двор, и тие го спуштија со јажиња. Ама во водособиралиштето немаше вода, туку само тиња, така што Еремија пропадна во тињата.
7Но Кушитот Авде-Мелех, дворјанец кој беше во царскиот дворец, чу дека Еремија го фрлија во водособиралиштето додека царот токму седеше кај Венијаминовата Врата. 8Тогаш Авде-Мелех излезе од царскиот дворец, та вака му рече на царот: 9„Господине, цару мој, овие луѓе прават зло кога постапуваат така со пророкот Еремија: го фрлија во јамата, каде ќе умре од глад, зашто нема леб во градот.“ 10Тогаш царот му заповеда на Етиопецот Авде- Мелех: „Поведи оттука тројца луѓе, па извлечете го пророкот Еремија од водособиралиштето, додека не умрел.“ 11И Авде-Мелех ги поведе луѓето, влезе во царскиот дворец, под ризницата: зеде таму малку износени и искинати облеки, та со јаже му ги спуштија на Еремија во јамата. 12Кушитот Авде-Мелех му рече на Еремија: „Сложи ги износените и искинатите облеки под пазувата и под јажињата.“ Еремија направи така. 13Тогаш со јажињата го извлекоа Еремија од јамата. Оттогаш Еремија остана во темничкиот двор.
14Царот Седекија испрати по пророкот Еремија, та го повика да дојде кај него на третиот влез што води во Господовиот Дом. Царот му рече на Еремија: „Сакам да те прашам нешто, немој ништо да ми затаиш!“ 15Еремија му одговори на Седекија: „Ако ти кажам, нема ли да ме погубиш? Ако пак те посоветувам, не ќе ме послушаш!“ 16Тогаш царот Седекија му се заколна во тајност на Еремија со овие зборови: „Живиот ми Господ, Кој ни го даде овој живот, не ќе те погубам и не ќе те предадам на оние што ти работат спроти главата.“
17И така, Еремија му рече на Седекија: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако излезеш пред војсководачите на вавилонскиот цар, ќе ја спасиш главата, и овој град нема да биде уништен со оган; ќе живеете ти и твојот дом. 18Ако пак не излезеш пред војсковотците на вавилонскиот цар, овој град ќе падне во рацете на Халдејците, и тие ќе го спалат, а ти не ќе се спасиш од нивните раце.’“ 19А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.“ 20Еремија одврати: „Тие нема да го направат тоа. Послушај го Господовиот глас, според кој ти зборував, ќе ти биде добро и ќе го спасиш својот живот. 21Ама ако не сакаш да излезеш од градот, еве го словото што Господ ми го објави: 22‘Ете, сите жени кои уште останаа во дворецот на јудејскиот цар ќе бидат одведени кај војсковотците на вавилонскиот цар и ќе зборуваат: „Те заведоа, Те совладаа, твоите верни пријатели! Кога нозете ти пропаѓаат во кал, тие те напуштаат!“ 23Да, сите твои жени и твои деца ќе ги одведат кај Халдејците, а ни ти самиот нема да им избегаш на нивните раце: ќе допаднеш во рацете на вавилонскиот цар, а овој град ќе биде изгорен.’“
24Седекиј му рече на Еремија: „Никој жив не смее да научи нешто за тоа, инаку ќе умреш. 25И така, ако кнезовите научат дека разговарав со тебе, па дојдат кај тебе и речат: ‘Та јави ни што ти кажа царот тебе, а ти нему; не криј ништо пред нас, инаку ќе те убиеме,’ 26одговори им: ‘Го молев царот да не ме враќа веќе во Јонатановата куќа, за да не умрам таму!’“ 27И навистина, кнезовите дојдоа кај Еремија, па го испитуваа. Ама тој им одговори токму онака како што му беше наредил царот. Тогаш го оставија, зашто ништо не се расчу за оној разговор. 28И така, Еремија го оставија во темничкиот трем сѐ до денот кога непријателот го зазеде Ерусалим. Кога го зазедоа Ерусалим, тој беше таму.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 38: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се