Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 20:7-18

Еремија 20:7-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господи, ти ме надви, и јас сум надвиен; Ти си посилен од мене и ме победи, а јас секој ден станувам за потсмев, секој се шегува со мене. Затоа, штом ќе почнам да зборувам, зборувам за насилство, зборувам за ра­зорување, бидејќи словото Господово стана за мене поруга и секојдневен пот­смев. Па си реков: нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име; но во срцето како да имам распа­лен оган, затворен во коските мои, и се измачував да го задржам – но не можев. Бидејќи слушав клевети од мнозина, ужаси насекаде! Пријавете го, и ние ќе го обвиниме. Сите, што живееја со мене во мир, сега ме демнат, нема ли некаде да погрешам: „Можеби, велат, тој ќе се улови, и ние ќе го победиме и ќе му се одмаздиме.“ Но со мене е Господ како страшен јунак; затоа моите гонители ќе се сопнат и нема да ме победат; многу, многу ќе се засрамат, зашто ќе бидат пора­зени; срамот ќе биде вечен, нема никогаш да биде заборавен. Господи на силите, Ти го испитуваш праведникот и ја гледаш утробата и срцето негово. Дозволи да ја видам од­маздата Твоја над нив, зашто Тебе Ти го доверив делото свое. Пејте Му на Господ, фалете Го Гос­пода, зашто Тој ја спасува душата на бедниот од рацете на злодејците. Проклет да е денот во кој се родив; денот, во кој ме роди мојата мајка, нека не е благословен! Проклет да е човекот кој ја пренесе веста до татко ми и му рече: „Ти се роди син“ и со тоа многу го зарадува. И со тој човек да стане она што ста­на со градовите кои Господ ги разруши и не ги пожали; нека слуша тој пискот наутро и напладне – плач, затоа што не ме уби уште во утробата, така што мајка ми да станеше мој гроб и утробата нејзина да останеше вечно бремена. Зошто излегов од утробата, за да гледам маки и таги и дните свои да ги минам во срам?

Еремија 20:7-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ти ме заведе, о Господи, и оставив да бидам заведен; Ти си посилен од мене и ме совлада. А сега сум им на сите за потсмев од ден во ден, секој ме исмејува. Зашто штом ќе проговорам, треба да викам, треба да навестувам: „Насилство! Пропаст!“ Навистина Господовото слово ми стана за презир и за потсмев цел ден. И реков во себеси: „Веќе не ќе мислам на Него, ниту ќе зборувам во Негово Име.“ Но тогаш во моето срце беше како распламенат оган запретан во моите коски: напразно се трудев да издржам, не можев веќе. Чув многу клевети: „Ужас отсекаде! Пријавете! Ние ќе го пријавиме!“ Сите кои што ми беа пријатели го чекаа моето паѓање. „Можеби ќе го заведеме, па ќе завладееме со него и ќе му се одмаздиме нему!“ Со мене е Господ како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу заради поразот, заради незаборавениот вечен срам. О Господи над Силите, Кој проникнуваш во праведникот и му ги гледаш бубрезите и срцето, дај ми да видам како им се одмаздуваш, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница. Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Тој ја избави душата на бедниот од рацете на злосторниците. Проклет да биде денот кога се родив, денот кога ме роди мојата мајка, да не биде благословен! Проклет да биде човекот кој му соопшти на мојот татко: „Ти се роди син, машко!“ и со тоа го зарадува татка ми. На тој човек да му биде како на градовите, што Господ ги разурна без жал; туку во самата зора да чуе вик за помош и бојни викотници на пладне, зашто не ме погуби во мајчината утроба, за да ми беше мајка ми мој гроб, за да ѝ останеше утробата трудна довека! О зошто излегов од мајчиното крило? За да гледам јад и неволја, и за да ги довршам деновите во срам!