Судии 7:1-21
Судии 7:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јероваал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, тргнаа рано утрината и се сместија кај Ен-Харод; мидјанскиот, пак, логор беше на север од него, кај ридот Море, во долината. И Господ му рече на Гедеон: „Со тебе има многу народ, не можам да ги предадам Мидјаните во негови раце за да не се возгордее Израел пред Мене и да каже: ‚мојата рака ме спаси‘. Затоа разгласи да чуе народот, и кажи: ‚Кој страхува и е плашлив, нека се врати и веднаш нека оди на гората Галаад.‘“ И се вратија од народот дваесет и две илјади мажи, а десет илјади останаа. И му рече Господ на Гедеон: „Народ сѐ уште има многу; одведи ги кај водата, таму ќе ти ги одберам; за кого ќе речам: ‚да оди со тебе‘, нека оди со тебе; а за кого ќе ти кажам: ‚не треба да оди со тебе‘, нека не оди.“ Тој го одведе народот кај водата. И му рече Господ на Гедеон: „Кој лока вода со јазикот свој, како што лока куче, него стави го настрана, исто така и сите оние што клекнуваат за да пијат вода.“ И бројот на оние што локаа со уста од рака, изнесуваше триста мажи; а сиот друг народ клекнуваше на коленици, за да пие вода. И му рече Господ на Гедеон: „Со тие триста што локаа, ќе ве спасам и ќе ви ги предадам Мидјаните во рацете ваши, а сите други нека си одат секој во своето место.“ И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги пушти сите Израелци да се вратат дома, а задржа кај себе триста души. Мидјанскиот логор, пак, беше подолу од него – во долината. Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце. Ако, пак, се плашиш да слезеш сам, оди во логорот со Пура, слугата свој; и ќе слушнеш што зборуваат, и тогаш ќе се зацврстат рацете твои, и ќе слезеш во логорот.“ И слегоа тој и Пура, слугата негов, до војниците, што беа во логорот. А Мидјаните и Амаликијците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу – како песокот на морскиот брег. Гедеон дојде. И ете, еден му го раскажува сонот на друг и вели: „Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мидјанскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така што тој падна, го собори, и шаторот се растури.“ Другиот му одговори: „Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеон, синот на Јоас, Израелецот; Бог ги предал во рацете негови Мидјаните и целиот логор.“ Откако го слушна прикажувањето за сонот и толкувањето негово, Гедеон се поклони, се врати во израелскиот логор и рече: „Станувајте! Господ го предаде во рацете ваши мидјанскиот логор.“ И ги распореди тристоте мажи во три чети и на сите им даде по една труба и празни стомни и во стомните свеќи. И им рече: „Гледајте ме мене и правете го истото; ете, ќе се доближам до логорот, и што ќе правам јас, тоа правете го и вие. Кога јас и тие што се со мене ќе затрубиме со труба, трубете и вие со вашите труби околу целиот логор и викајте: ‚За Господ и за Гедеон!‘“ И дојде Гедеон со стоте мажи кои беа со него до крајот од логорот, околу почетокот на средната стража, ги разбудија стражарите, затрубија со трубите и ги скршија стомните што беа во рацете нивни. И затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните, и ги држеа во левата рака свеќите, а во десната рака трубите, трубеа и викаа: „Меч Господов и Гедеонов!“ И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бегаат.
Судии 7:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Порани Јеровал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, и се влогорија кај изворот Арод, а логорот на Мадијамците се наоѓаше на север од неговиот, во подножјето на брегот Море, во долината. Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Премногу народ е со тебе, а за да ги предадам Мадијамците во нивните раце, зашто Израел би можел да се возгордее пред Мене и да рече: ‘Сопствената рака ме избави.’ Затоа разгласи за да чуе народот: ‘Кој се бои и стравува, нека се врати од Галадската Гора.’“ Гедеон ги испита: дваесет и две илјади луѓе од народот се вратија, а останаа десет илјади. Господ му рече на Гедеона: „Уште е премногу народ. Поведи ги на вода, и таму ќе ги испитам. За кого ќе ти речам: ‘Нека оди со тебе,’ тој ќе дојде со тебе. А за кого ќе ти речам: ‘Нека не иде со тебе,’ тој не ќе дојде.“ Гедеон го поведе народот на вода, и Господ му рече: „Кој ќе лока вода со јазикот како што лока кучето, оддели го настрана, кој ќе клекне да пие, одвои го на другата страна.“ Оние што локаа вода со јазикот од раката, принесена до устата, беа триста, а сиот друг народ клекна за да пие. Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Со оние триста луѓе, кои локаа вода, Јас ќе ве избавам, и ќе ги предадам Мадијамците во вашите раце. Сите други нека се вратат, секој во своето место.“ И тогаш тие ги зедоа од луѓето храната и роговите за трубење, а Гедеон ги отпушти Израелците, секој во неговиот шатор; ги задржа само оние три стотини мажи. А логорот на Мадијамците беше подолу од него, во долината. Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, нападни го логорот, зашто ти го предавам во рацете. Ако се боиш да нападнеш, најнапред слези во логорот со твојот слуга Фура; слушај што зборуваат; ќе се охрабриш и ќе го нападнеш логорот.“ Тој слезе со својот слуга Фура до првите стражари на логорот. Мадијамците, Амаликците и сите синови на Исток се расположија по долината, многубројни како скакулци; безбројни беа нивните камили, како песок на брегот на морето. Кога Гедеон дојде, а тоа еден точно му раскажуваше на својот другар што сонувал: „Сонував како погача јачменов леб се тркала во мадијамскиот логор: се дотркала до еден шатор и го погоди, а шаторот падна, се преврти.“ А другиот му одговори: „Не е тоа друго туку мечот на Гедеона, синот Јоасов, Израелец. Бог му ги предаде во рацете Мадијамците и сиот логор.“ Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.“ Тогаш Гедеон ги подели своите триста луѓе во три одреди. На секој човек му даде во раката рог за трубење, празна врчва и запалена борина во врчвата: “Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас! Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’“ г. Мадијамско бегство Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете. Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!“ И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат.