Јероваал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, тргнаа рано утрината и се сместија кај Ен-Харод; мидјанскиот, пак, логор беше на север од него, кај ридот Море, во долината. И Господ му рече на Гедеон: „Со тебе има многу народ, не можам да ги предадам Мидјаните во негови раце за да не се возгордее Израел пред Мене и да каже: ‚мојата рака ме спаси‘. Затоа разгласи да чуе народот, и кажи: ‚Кој страхува и е плашлив, нека се врати и веднаш нека оди на гората Галаад.‘“ И се вратија од народот дваесет и две илјади мажи, а десет илјади останаа. И му рече Господ на Гедеон: „Народ сѐ уште има многу; одведи ги кај водата, таму ќе ти ги одберам; за кого ќе речам: ‚да оди со тебе‘, нека оди со тебе; а за кого ќе ти кажам: ‚не треба да оди со тебе‘, нека не оди.“ Тој го одведе народот кај водата. И му рече Господ на Гедеон: „Кој лока вода со јазикот свој, како што лока куче, него стави го настрана, исто така и сите оние што клекнуваат за да пијат вода.“ И бројот на оние што локаа со уста од рака, изнесуваше триста мажи; а сиот друг народ клекнуваше на коленици, за да пие вода. И му рече Господ на Гедеон: „Со тие триста што локаа, ќе ве спасам и ќе ви ги предадам Мидјаните во рацете ваши, а сите други нека си одат секој во своето место.“ И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги пушти сите Израелци да се вратат дома, а задржа кај себе триста души. Мидјанскиот логор, пак, беше подолу од него – во долината.
Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце. Ако, пак, се плашиш да слезеш сам, оди во логорот со Пура, слугата свој; и ќе слушнеш што зборуваат, и тогаш ќе се зацврстат рацете твои, и ќе слезеш во логорот.“ И слегоа тој и Пура, слугата негов, до војниците, што беа во логорот. А Мидјаните и Амаликијците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу – како песокот на морскиот брег. Гедеон дојде. И ете, еден му го раскажува сонот на друг и вели: „Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мидјанскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така што тој падна, го собори, и шаторот се растури.“ Другиот му одговори: „Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеон, синот на Јоас, Израелецот; Бог ги предал во рацете негови Мидјаните и целиот логор.“ Откако го слушна прикажувањето за сонот и толкувањето негово, Гедеон се поклони, се врати во израелскиот логор и рече: „Станувајте! Господ го предаде во рацете ваши мидјанскиот логор.“
И ги распореди тристоте мажи во три чети и на сите им даде по една труба и празни стомни и во стомните свеќи. И им рече: „Гледајте ме мене и правете го истото; ете, ќе се доближам до логорот, и што ќе правам јас, тоа правете го и вие. Кога јас и тие што се со мене ќе затрубиме со труба, трубете и вие со вашите труби околу целиот логор и викајте: ‚За Господ и за Гедеон!‘“ И дојде Гедеон со стоте мажи кои беа со него до крајот од логорот, околу почетокот на средната стража, ги разбудија стражарите, затрубија со трубите и ги скршија стомните што беа во рацете нивни. И затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните, и ги држеа во левата рака свеќите, а во десната рака трубите, трубеа и викаа: „Меч Господов и Гедеонов!“ И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бегаат.