Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 4:1-16

Судии 4:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога умре Аод, Израеловите синови пак почнаа да прават зло пред Господ. И Господ ги предаде во рацете на хананскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор, и на неговиот војсководач Сисе­ра, кој живееше во Харошет-Гојим. И повикаа Израеловите синови кон Господ; зашто Јавин имаше деветстотини железни коли и ги потискаше Израеловите синови дваесет години. Во тоа време судија во Израел беше пророчицата Девора, жената на Лапи­дот; таа обично седеше под Деворината палма, меѓу Рама и Ветил, во Ефремо­вата Планина и одеа кај неа Израело­вите синови за судење. Девора испрати да го повикаат Варак, синот на Авиноам од Кедес Нефталимов, и му рече: „Зар не заповеда Господ, Бог Израелов: – оди, собери народ на гората Тавор и земи со себе десет илјади мажи од Нефталимовите синови и од Завулоновите синови; Јас, пак, ќе го доведам кај тебе, кај потокот Кишон, Јавиновиот војсководач Сисера, и колите негови и многуилјадната војска негова, и ќе ти ги пре­дадам во твои раце.“ Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, нема да одам.“ Таа рече: „Добро, ќе дојдам со тебе; само нема да биде славата твоја по па­тот, по кој ќе одиш; зашто во женска рака ќе го предаде Господ Сисера.“ И Девора стана и тргна со Варак за Кедес. А Варак ги повика потомците на Завулон и потомците на Нефталим во Кедес, и по него тргнаа десет илјади души, и Девора појде со него. Тогаш Кениецот Хевер се оддели од Кенијците, односно потомците на Ховав, шурата на Мојсеј, и го постави шаторот свој кај дабот, близу до Кедес. И му јавија на Сисера дека Ави­ноамовиот син Варак излегол на гората Тавор. Сисера ги собра сите коли, деветстотини железни коли, и сиот народ што беше со него, и од Харошет-Гојим замина кај потокот Кишон. И Девора му рече на Варак: „Стани, бидејќи денес е денот, во кој Господ ќе го предаде Сисера во рацете твои; Сам Господ ќе тргне пред Тебе.“ И Варак слезе од гората Тавор, и по него – десет илјади мажи. Тогаш Господ го доведе во забуна Сисера и сите негови коли и целиот народ негов пред Вараковиот меч, и Сисера слезе од колата и избега пеш. Варак тргна да ги гони неговите коли и народот до Харошет-Гојим и целата војска на Сисера падна од остар меч, та не остана ниеден.

Судии 4:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По смртта на Аод, Израелевите синови пак почнаа да прават што не Му беше на Господа по волја, и Господ ги предаде во рацете на Јавин, ханаанскиот цар кој владееше во Асор. Воен началник на неговата војска беше Сисара, кој живееше во незнабожечкиот Аросет. Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа. Зашто Јавин имаше шест стотини железни бојни коли, и тешко ги угнетуваше Израелците дваесет години. Во тоа време на Израел му судеше пророчицата Девора, жената Лафидотова. Живееше под Деворината Палма меѓу Рама и Ветил во Ефремовата Гора, и Израелците доаѓаа кај неа за да им пресудува во нивните спорови. Таа го повика Варака, синот Авинеемов, од Нефталимовиот Кадес, и му рече: „Еве што ти заповеда Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди, тргни на гората Тавор и земи со себе десет илјади луѓе од Нефталимовите и Завулоновите синови. Јас ќе го привлечам кон тебе, на Кисонскиот Поток, Сисара, војсководачот на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со сите војници, па ќе ги предадам во твоите раце.’“ Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш ти со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, не одам.“ “Идам со тебе - му рече таа - но на патот по кој ќе тргнеш славата не ќе ти припадне тебе, зашто Господ ќе го предаде Сисара во раце на жена.“ Тогаш Девора стана и тргна со Варака во Кадес. Онаму Варак ги повика Завулона и Нефталима. Десет илјади луѓе тргнаа со него, а и Девора одеше со нив. Кенеецот Хевер беше се одвоил од Кенеј, еден од синовите на Овав, Мојсеевиот дедо; го оптегна својот шатор кај Дабот во Занаим, недалеку од Кадес. Му јавија на Сисара дека Варак, синот Авинеемов, излегол на гората Тавор. Сисара ги собра сите свои бојни коли, девет стотини железни коли, и сите луѓе што ги доведе од незнабожечкиот Аросет до Кисонскиот Поток. Девора му рече на Варака: „Стани, еве го денот кога Господ ќе го предаде Сисара во твои раце! Самиот Господ оди пред тебе!“ И Варак слезе од гората Тавор со десет илјади луѓе со себе. Господ ги заплаши Сисара, сите негови бојни коли и целата негова војска, која почна да бега пред Вараковиот меч. Сисара слезе од својата кола и избега пеш. Варак ги гонеше колите и војската сѐ до незнабожечкиот Аросет. Сета Сисерина војска падна од остар меч, и ниеден човек не избега.