Кога умре Аод, Израеловите синови пак почнаа да прават зло пред Господ. И Господ ги предаде во рацете на хананскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор, и на неговиот војсководач Сисера, кој живееше во Харошет-Гојим. И повикаа Израеловите синови кон Господ; зашто Јавин имаше деветстотини железни коли и ги потискаше Израеловите синови дваесет години. Во тоа време судија во Израел беше пророчицата Девора, жената на Лапидот; таа обично седеше под Деворината палма, меѓу Рама и Ветил, во Ефремовата Планина и одеа кај неа Израеловите синови за судење. Девора испрати да го повикаат Варак, синот на Авиноам од Кедес Нефталимов, и му рече: „Зар не заповеда Господ, Бог Израелов: – оди, собери народ на гората Тавор и земи со себе десет илјади мажи од Нефталимовите синови и од Завулоновите синови; Јас, пак, ќе го доведам кај тебе, кај потокот Кишон, Јавиновиот војсководач Сисера, и колите негови и многуилјадната војска негова, и ќе ти ги предадам во твои раце.“ Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, нема да одам.“ Таа рече: „Добро, ќе дојдам со тебе; само нема да биде славата твоја по патот, по кој ќе одиш; зашто во женска рака ќе го предаде Господ Сисера.“ И Девора стана и тргна со Варак за Кедес. А Варак ги повика потомците на Завулон и потомците на Нефталим во Кедес, и по него тргнаа десет илјади души, и Девора појде со него. Тогаш Кениецот Хевер се оддели од Кенијците, односно потомците на Ховав, шурата на Мојсеј, и го постави шаторот свој кај дабот, близу до Кедес. И му јавија на Сисера дека Авиноамовиот син Варак излегол на гората Тавор. Сисера ги собра сите коли, деветстотини железни коли, и сиот народ што беше со него, и од Харошет-Гојим замина кај потокот Кишон. И Девора му рече на Варак: „Стани, бидејќи денес е денот, во кој Господ ќе го предаде Сисера во рацете твои; Сам Господ ќе тргне пред Тебе.“ И Варак слезе од гората Тавор, и по него – десет илјади мажи. Тогаш Господ го доведе во забуна Сисера и сите негови коли и целиот народ негов пред Вараковиот меч, и Сисера слезе од колата и избега пеш. Варак тргна да ги гони неговите коли и народот до Харошет-Гојим и целата војска на Сисера падна од остар меч, та не остана ниеден.