Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 5:1-20

Јаков 5:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. Златото ваше и среброто ви за'рѓаа, и 'рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за пос­ледните дни. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање. Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше. Бидете трпеливи, браќа мои, до доа­ѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи. Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Су­ди­јата стои пред вратата. Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово. Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете под суд! А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фа­ли Господа! Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат и да извршат помазание над него со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат. Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод. Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и ако некој друг го по­вра­ти, тој нека знае дека оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една ду­ша од смрт и ќе покрие многу гре­во­ви.

Јаков 5:1-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Слушнете ме сега вие што сте богати! Плачете и лелекајте заради многубројните неволи што ве очекуваат! Гнило е вашето богатство, вашите облеки молци ги изедоа. Вашето сребро и злато ’рѓосаа. Таа ’рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Напластивте богатство во овие последни денови. Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојде до ушите на Семоќниот Господ. Живеевте раскошно и разуздано на Земјата, си ги угоивте телата како добиток готов за клање. Осудивте и убивте праведни луѓе, кои не можеа да ви се противстават. Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд. Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде! Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата! Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во името на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат. Оние што најмногу издржаа, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство. Но пред се, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во небото, ни во Земјата, ниту во што било друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда. Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност. Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помазат со маслиново масло во името на Господ. Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и, ако направил грев, ќе му прости. Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете исцелени. Енергичната молитва од праведен човек има голема сила! Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата. Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови. Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад. Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.

Јаков 5:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Послушајте сега, вие богати: плачете и ридајте над неволјите, што идат на вас. Вашето богатство изгни, и молците ги изедоа вашите раскошни облеки. Вашето злато и сребро за’рѓа; и нивната ‘рѓа ќе биде сведоштво против вас, и како оган ќе ги проголта вашите тела. Насобравте богатство во последните денови. Еве, платата на работниците, кои ги ожнија вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите. Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано; ги потхранивте своите срца, како за денот на клање. Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не ви се противи. И така, бидете трпеливи, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не го прими раниот и доцниот дожд. Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто е близу Госповото доаѓање. Не воздивнувајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата. За пример на злострадањата и на долготрпението земете ги, браќа, пророците, кои зборуваа во Господово име. Ете, блажени ги наречуваме оние, кои претрпеа. Чувте за трпењето на Јов, а видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е многумилостив и сочувствителен. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да“, да биде „да“, а вашето „не“ - „не“, за да не паднете под суд. Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога. Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа, и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени. И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила. Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод. Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати, нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови.