Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 5:1-20

Јаков 5:1-20 MNT

Слушнете ме сега вие што сте богати! Плачете и лелекајте заради многубројните неволи што ве очекуваат! Гнило е вашето богатство, вашите облеки молци ги изедоа. Вашето сребро и злато ’рѓосаа. Таа ’рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Напластивте богатство во овие последни денови. Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојде до ушите на Семоќниот Господ. Живеевте раскошно и разуздано на Земјата, си ги угоивте телата како добиток готов за клање. Осудивте и убивте праведни луѓе, кои не можеа да ви се противстават. Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд. Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде! Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата! Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во името на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат. Оние што најмногу издржаа, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство. Но пред се, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во небото, ни во Земјата, ниту во што било друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда. Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност. Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помазат со маслиново масло во името на Господ. Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и, ако направил грев, ќе му прости. Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете исцелени. Енергичната молитва од праведен човек има голема сила! Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата. Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови. Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад. Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.