Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 3:1-18

Јаков 3:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги пријатели, не треба сите да настојуваме да станеме учители во Црквата. Всушност, ние, учителите, ќе бидеме судени построго од другите луѓе. Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело. На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме. Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат. Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали! Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол. Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот, но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров. Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие. Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!? Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода? Може ли, драги мои, смоквата да раѓа маслинки, а лозата смокви? Од солен извор не може да се црпи слатка вода! Има ли меѓу вас мудри и разумни луѓе? Ако има, покажете ја вашата мудрост и разумност со примерен живот, со постапки што ќе се одликуваат со скромност и ќе бидат направени мудро. Но ако вашите срца се полни со чемерна завист и себичност, немојте да се фалите и да се лажете дека сте мудри. Тоа не е небесна мудрост, туку овоземна, себична и демонска. Кога луѓето се завидливи и себични, создаваат безредие и секакви зли дела. Небесната мудрост не прави чисти, мирољубиви, внимателни, чувствителни, да ги сакаме луѓето и да им помагаме, да бидеме непристрасни и нелицемерни. А миротворците ќе го сеат семето на мирот, и ќе жнеат плодови на праведност.

Јаков 3:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Не барајте, браќа мои, мнозина да станете учители, зашто знаете дека поголемо осудување ќе добиеме. Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го заузда и целото тело. Ете, ако и ние на коњите им ставиме узда на устите, за да ни се покоруваат, тогаш управуваме со целото нивно те­ло. Па, ете, и корабите: иако се толку многу големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака; а така и јазикот е мал орган, но го­леми работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со не­правда; јазикот се наоѓа во таква по­ложба меѓу нашите органи, што го ос­квернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот. Секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скро­ти: тој е немирно зло и полн со смрто­носен отров. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благослов и клетва. Не треба, браќа мои, тоа така да биде. А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Та­ка, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода. Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост. Но, ако во срцата свои имате гор­члива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината: тоа не е мудрост која доаѓа озгора, туку земна, душевна, бесовска; зашто, каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо. А мудроста, што иде озгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри пло­до­ви, непристрасна и нелицемерна. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците.

Јаков 3:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Не бидете, браќа мои, мнозина од вас учители, зашто знаеме дека ќе бидеме построго осудени за тоа. Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело. И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело. Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја. Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума! И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот. Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род, но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие. Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така. Тече ли од изворот, од ист отвор, слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Така ни солениот извор не може да даде слатка вода. Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со добро владеење нека ги покаже своите дела во мудра смиреност. Ако ли пак во своето срце имате горчлива завист и карање, не се фалете и не лажете против вистината! Тоа не е мудрост, која слегува одозгора, туку е земна, душевна, демонска; зашто каде се зависта и карањато, таму е неред и секакво лошо нешто. А мудроста која доаѓа одозгора, пред сѐ: е чиста, потоа мирољубива, блага, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна. А плодот на правдата се сее во мир, за оние кои создаваат мир.