Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈАКОВ 3:1-18

ЈАКОВ 3:1-18 MKB

Не бидете, браќа мои, мнозина од вас учители, зашто знаеме дека ќе бидеме построго осудени за тоа. Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело. И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело. Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја. Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума! И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот. Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род, но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие. Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така. Тече ли од изворот, од ист отвор, слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Така ни солениот извор не може да даде слатка вода. Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со добро владеење нека ги покаже своите дела во мудра смиреност. Ако ли пак во своето срце имате горчлива завист и карање, не се фалете и не лажете против вистината! Тоа не е мудрост, која слегува одозгора, туку е земна, душевна, демонска; зашто каде се зависта и карањато, таму е неред и секакво лошо нешто. А мудроста која доаѓа одозгора, пред сѐ: е чиста, потоа мирољубива, блага, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна. А плодот на правдата се сее во мир, за оние кои создаваат мир.