Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 2:1-13

Јаков 2:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата! Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека, па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“, зарем со тоа не покажувате пристрасност, и не станувате судии со лоши помисли? Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат? А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови? Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле? Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите. Но, ако сте пристрасни, грев пра­ви­те; и Законот ве осудува како престапници. Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ. Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот. Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата. Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот.

Јаков 2:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Пријатели мои, ако имате вера во нашиот славен Господ Исус Христос, нема да се однесувате спрема едни луѓе подобро, а спрема други полошо. Да претпоставиме дека на вашата богослужба доаѓа човек со златни прстење на раката, облечен во убава облека, а влегува и сиромашен човек во одрпана облека. Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“, зарем со тоа не ги двоите луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!? Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го сакаат? А вие ги презирате сиромашните! Кој ве измачува, кој ве влечка по судови? Токму богатите! Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите? Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси.“ Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници. Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон. Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот. Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува! Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата.

Јаков 2:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој! Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека, па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!“ а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“ или „Седни до моето подножје.“ Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?“ Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат? А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата? Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени? Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“- добро правите. Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници. Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сѐ. Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!“ рекол и: „Не убивај!“ Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот. Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата. Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.