Исаија 9:1-7
Исаија 9:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина. Ти ќе го умножиш народот, ќе ја зголемиш радоста негова. Тој ќе се весели пред Тебе, како што се веселат за време на жетва, како што се радуваат при делење на плен. Зашто јаремот, кој му тежеше, и жезолот што го поразуваше, и стапот на неговиот угнетувач – Ти ќе ги скршиш, како во денот на Мидјан. Зашто секоја војничка обувка во време на војна и облека, извалкана од крв, ќе бидат предадени на изгорување, за храна на огнот. Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давид и во царството негово, за да го утврди Тој и да го зацврсти преку суд и правда отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господ Саваот. Господ му испраќа слово на Јаков, тоа слегува врз Израел
Исаија 9:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во прво време Тој ја понижи Завулоновата Земја и Нефталимовата Земја, но во последното време Тој ќе го прослави патот покрај морето од онаа страна на Јордан - незнабожечката Галилеја. Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина. Ти го умножи народот, ја зголеми веселбата, и тие се радуваат пред Тебе, како што луѓето ѝ се радуваат на жетвата, како што викаат кога се дели пленот. Неговото тешко бреме, прачката што му ги притискаше плеќите, бичот на неговиот гонител, ги скрши како во мадијамскиот ден. Да, сите воени обувки, секоја облека натопена во крв, ќе изгорат и ќе му бидат храна на огнот. Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот. Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство: ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност. Отсега и довека ќе го направи тоа приврзаната љубов на Господа над Воинствата.