Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 7:1-25

Исаија 7:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во дните на Ахаз – синот на Јотам, син Озиев, цар јудејски, – Рецин, ца­рот арамејски, и Факиј, синот Ремалиев, цар израелски, отидоа против Ерусалим да го завладеат, но не можеа да го преземат. Тогаш му беше соопштено на домот Давидов и речено: „Арамејци се сместија во земјата Ефремова. И му затрепери срцето на Ахаз и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата.“ И му рече Господ на Исаија: „Из­лези ти и син ти Шеар-Јашув да го пречекаш Ахаз на крајот од горното езеро по патот кај нивата на вала­вичарот, и кажи му: Охрабри се и биди спо­коен; не плаши се, и да не се плаши срцето твое пред двата краја на тие гламји што чадат, од пламениот гнев на Рецин, на Арамејците и на синот Ремалиев. Арам, Ефрем и синот Ремалиев кројат против тебе зло, велејќи: ‚да одиме против Јудеја и да ја ис­плашиме, да ја завладееме и да го пос­тавиме за цар Тавеловиот син.‘ Но Господ Бог вели вака: Тоа нема да стане и нема да се изврши, зашто главата на Арам е Дамаск, а главата на Дамаск – Рецин; по шеесет и пет години Ефрем ќе престане да биде народ; глава на Ефрем е Самарија, а глава на Самарија – синот Ремалиев. Ако не верувате, нема да се одржите.“ И продолжи Господ да му говори на Ахаз и му рече: „Барај за себе знак од Господ, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините.“ Но Ахаз рече: „Нема да барам и нема да Го искушувам Господа.“ Тогаш Исаија рече: „Слушајте, пак, доме Давидов! Зар ви е малку тоа што им дотежнувате на луѓето, па сакате да Му дотежнувате и на мојот Бог?“ Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Има­нуел. Тој ќе се храни со млеко и мед, додека да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто. Зашто, пред детето да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто, оваа земја, од која ти се плашиш, ќе биде оставена од двајцата цареви. Но Господ ќе испрати врз тебе и врз народот твој и врз домот на татко ти, такви денови, какви што не доаѓале, откако Ефрем се оддели од Јуда – ќе го испрати асирскиот цар. И ете, во тој ден Господ ќе им даде знак на мувите, што се кај устието на египетската река, и на пчелите, што се во асирската земја, – и ќе долетаат и ќе заседнат сите тие по запустените долини и по камените пештери и по сите трништа и по сите дрвја. Во тој ден Господ ќе ги избричи со брич, земен од оваа страна на Реката – преку асирскиот цар, главата и влакната на нозете, ќе ја симне дури и брадата. И во тој ден, кој храни крава и две овци, поради изобилството на млеко, што тие ќе го дадат, ќе јаде масло; со масло и мед ќе се хранат сите, кои останале во таа земја. Во тој ден на секое место, каде што растеле илјада лози за илјада сребреници, ќе има глог и трниште. Таму ќе се оди со лакови и стрели, бидејќи целата земја ќе е во глогови и трњаци. И на ниедна од горите, што биле расчистувани со мотика, нема да одиш, поради страв од глог и од трње; таму ќе истеруваат говеда и ситен добиток ќе гази.

Исаија 7:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат. Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.“ На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот. И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле. Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син, зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст. „Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.“ ‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде! Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ. Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.“‘“ Господ му проговори пак на Ахаз и му рече: „Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.“ Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.“ Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате! Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел! Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто. Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства. Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, - асирскиот цар.“ Во оној ден, Господ ќе им даде знак на мувите на вливот на египетските реки, и на пчелите во Асирската Земја, да дојдат и да слетаат по стрмните долови, по расцепените карпи, по сите трништа и по сите пасишта. Во оној ден, ќе ги избричи со брич наемен од онаа страна на Еуфрат - со асирскиот цар - косата од главата, влакната од нозете и брадата од образите. Во оној ден, секој ќе храни по една крава и по две овци, и од изобилството на млекото што ќе му го дадат ќе се храни со маст; ќе се хранат со маст и мед сите што ќе останат во земјата. Во онај ден, секаде каде имаше илјада копачки, што вредеа илјада сребреници, ќе изникнат глогинки и трње. Онаму ќе тргнуваат со стрела и лак, зашто целата земја ќе обрасте со глогинки и трње. А по сите гори каде се копаше со мотика веќе никој не ќе оди, страшејќи се од трњето и глогинките: таму ќе пасат говеда и ќе газат овци.