Во дните на Ахаз – синот на Јотам, син Озиев, цар јудејски, – Рецин, царот арамејски, и Факиј, синот Ремалиев, цар израелски, отидоа против Ерусалим да го завладеат, но не можеа да го преземат. Тогаш му беше соопштено на домот Давидов и речено: „Арамејци се сместија во земјата Ефремова. И му затрепери срцето на Ахаз и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата.“ И му рече Господ на Исаија: „Излези ти и син ти Шеар-Јашув да го пречекаш Ахаз на крајот од горното езеро по патот кај нивата на валавичарот, и кажи му: Охрабри се и биди спокоен; не плаши се, и да не се плаши срцето твое пред двата краја на тие гламји што чадат, од пламениот гнев на Рецин, на Арамејците и на синот Ремалиев. Арам, Ефрем и синот Ремалиев кројат против тебе зло, велејќи: ‚да одиме против Јудеја и да ја исплашиме, да ја завладееме и да го поставиме за цар Тавеловиот син.‘ Но Господ Бог вели вака: Тоа нема да стане и нема да се изврши, зашто главата на Арам е Дамаск, а главата на Дамаск – Рецин; по шеесет и пет години Ефрем ќе престане да биде народ; глава на Ефрем е Самарија, а глава на Самарија – синот Ремалиев. Ако не верувате, нема да се одржите.“
И продолжи Господ да му говори на Ахаз и му рече: „Барај за себе знак од Господ, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините.“ Но Ахаз рече: „Нема да барам и нема да Го искушувам Господа.“ Тогаш Исаија рече: „Слушајте, пак, доме Давидов! Зар ви е малку тоа што им дотежнувате на луѓето, па сакате да Му дотежнувате и на мојот Бог?“ Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Имануел. Тој ќе се храни со млеко и мед, додека да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто. Зашто, пред детето да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто, оваа земја, од која ти се плашиш, ќе биде оставена од двајцата цареви. Но Господ ќе испрати врз тебе и врз народот твој и врз домот на татко ти, такви денови, какви што не доаѓале, откако Ефрем се оддели од Јуда – ќе го испрати асирскиот цар.
И ете, во тој ден Господ ќе им даде знак на мувите, што се кај устието на египетската река, и на пчелите, што се во асирската земја, – и ќе долетаат и ќе заседнат сите тие по запустените долини и по камените пештери и по сите трништа и по сите дрвја. Во тој ден Господ ќе ги избричи со брич, земен од оваа страна на Реката – преку асирскиот цар, главата и влакната на нозете, ќе ја симне дури и брадата. И во тој ден, кој храни крава и две овци, поради изобилството на млеко, што тие ќе го дадат, ќе јаде масло; со масло и мед ќе се хранат сите, кои останале во таа земја. Во тој ден на секое место, каде што растеле илјада лози за илјада сребреници, ќе има глог и трниште. Таму ќе се оди со лакови и стрели, бидејќи целата земја ќе е во глогови и трњаци. И на ниедна од горите, што биле расчистувани со мотика, нема да одиш, поради страв од глог и од трње; таму ќе истеруваат говеда и ситен добиток ќе гази.