Исаија 65:17-25
Исаија 65:17-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„Зашто, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе во него глас од плачење и глас од пискот. Таму веќе нема да има новороденче кое живее кратко, ни старец, што нема да ги исполни деновите свои; тој што ќе умре на сто години ќе се смета за момче, а оној што ќе живее помалку од сто години ќе се смета за проколнат. Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе благословено од Господ, и потомците нивни со нив. И пред тие да повикаат, Јас ќе одговорам; тие уште ќе говорат, а Јас веќе ќе ги чујам. Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол, а на змијата правот ќе ѝ биде храна: тие нема да причинуваат зло и штета по целата Моја света гора“, вели Господ.
Исаија 65:17-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост. И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање. Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет. Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце. Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници. Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам. Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора, „говори Господ.