Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 65

65
9. Господов одговор на молитва:
Суд над грешници и искупување на Божји народ
а. Казна за идолопоклоници и лицемерен Израел
1„Ме побараа, кои не прашуваа за Мене, Ме најдоа, кои не Ме бараа; му реков: ‘Еве Ме! Еве Ме!’ на народ, кој не го повикуваше Моето Име. 2Секогаш ги испружував рацете кон бунтовничкиот народ, кој оди по лош пат, по своите мисли, 3на народ што непрекратно Ме расрдува во лице: жртвуваат по градините, кадат на плитарите, 4живеат по гробовите и ноќе, на скришни места, јадат свинско, ставаат во садовите нечисти јадења. 5И уште зборуваат: ‘Отстрани се! Не ми се приближувај за да не те посветам.’ Тие Ми се дим во носот, оган што гори постојано. 6Еве, сѐ е напишано пред Мене: не ќе молкнам додека не им платам, додека не им платам во пазувите, 7за беззаконијата ваши и на вашите татковци, на сите заедно - зборува Господ. Кои принесуваа кадење на горите и Ме хулеа на брежињата - ќе им измерам во крилото плата за поранешните дела.“
8Господ зборува вака: „Како што велат за сокот во гроздот: ‘Не уништувај го, во него е благослов!’ Така ќе направам и Јас заради Моите слуги, не ќе ги уништам сите. 9Ќе изведам семе од Јакова, а од Јуда наследник на Моите гори; Моите избраници ќе ги наследат, и Моите слуги ќе се населат таму. 10Сарон ќе стане пасиште за овците, а Ахорската Низина почивалиште за говедата - на Мојот народ, кој Ме бара Мене. 11А вие, кои Го оставивте Господа, кои ја заборавивте Мојата Света Гора, кои му приготвувате стол на Гад, кои му налевате налевница на Мениј, 12ве одредив за меч - ќе паднете ничкум, за да ве колат. Зашто ве викав, а вие не одговаравте, зборував, а вие не слушавте, туку вршевте што е зло во Моите очи, го избравте она што не е по Моја волја.“
б. Благослов за избрани и казна за грешни
13Затоа Господ зборува вака: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. 14Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух. 15Своето име ќе им го оставите за клетва на Моите избраници: ‘Така ќе те убие Господ!’ А Своите слуги Тој ќе ги вика со друго име. 16Кој ќе се благословува во земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог. И кој ќе се колне во земјата, нека се заколнува во верниот Бог. Зашто поранешните неволји ќе бидат заборавени, ќе бидат скриени од Моите очи.
в. Вечен благослов на нова земја
17Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. 18Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост. 19И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање. 20Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет. 21Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. 22Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце. 23Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници. 24Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам. 25Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора, „говори Господ.

Селектирано:

ИСАИЈА 65: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се