Исаија 61:1-10
Исаија 61:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Духот на Господ Бог е врз Мене, зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог; да ги утешам сите оние што тагуваат, да им соопштам на оние што тагуваат на Сион дека ним место пепел ќе им се даде украс, место плачење – мирисно масло на радост, место опаднат дух – славна облека; и ќе ги наречат дабови на правда, градина на Господ за Негова слава; и ќе ги изградат древните урнатини, ќе обноват стари урнатини и ќе подноват разурнати градови, запустени од дамнешни родови. Тогаш ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат стадата ваши; синовите на туѓинците ќе бидат ваши земјоделци и ваши лозари. А вие ќе се нарекувате свештеници на Господ, – служители на нашиот Бог ќе ве нарекуваат; ќе се користите со имотот на народите и ќе се прославувате со нивните богатства. Заради тоа што бевте двојно посрамени, подбивот и срамот им беа наследство, затоа во земјата ќе добијат двојно; вечна веселба ќе има кај нив. Зашто Јас, Господ, ја сакам правдата, го мразам грабежот со насилството, и ќе им дадам награда според вистината и ќе направам со нив вечен завет; и семето нивно ќе биде познато меѓу народите, и потомството нивно – меѓу племињата; сите, што ќе ги видат, ќе познаат дека се тие семе благословено од Господ. Многу ќе се радувам во Господ, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Тој ме облече во спасителна облека, ми облече облека на правда, како на младоженец ми стави венец и како невеста со накит ме украси.
Исаија 61:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Духот на Господа Бога е на Мене, зашто Господ Ме помаза, Ме испрати да им донесам Радосна Вест на бедните, да ги излечам скршените срца; да им проповедам слобода на заробениците и ослободување на оние во темница; да ја навестам годината на Господовата милост и денот на одмаздата на нашиот Бог; да ги развеселам натажените на Сион и да им дадам венец место пепел, масло на радост место облека на жалост, песна благодарница место очаен дух. И ќе ги викаат Дрвја на Правдата, Господов Расад - за Негова слава. Тие повторно ќе ги кренат старите урнатини, ќе ги подигнат пак запустените места, урнатините и минатите поколенија.“ Туѓинците ќе дојдат за да ги пасат стадата, странци ќе ви бидат земјоделци и лозари. А вас ќе ве викаат: „Господови Свештеници,“ ќе ве наречуваат: „Служители на нашиот Бог.“ Ќе ги уживате богатствата на народите, ќе се гордеете со нивните блага. Двоен беше нивниот срам - ругањето и презирот им беа наследство - затоа ќе наследат двојно во својата земја, нивната радост ќе биде вечна. „Зашто Јас, Господ, ја љубам правдата, а го мразам неправедниот грабеж. Ќе ги наградам верно и ќе склучам со нив вечен Завет. Славно ќе им биде семето меѓу племињата и потомството меѓу народите. Секој кој ќе ги види, ќе препознае дека се семе што Господ го благослови.“ Со голема радост се радувам во Господа, мојата душа воскликнува кон мојот Бог, зашто ме облече со облека на спасението, ме наметна со плаштот на праведноста, како младоженец кога ќе си стави венец или невеста кога ќе се украси со накит.