Исаија 52:1-12
Исаија 52:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Дигни се, дигни, облечи се во силата своја, Сионе! Облечи се во облеката на величието свое, Ерусалиме, свети граде! Зашто отсега нема повеќе да влегува во тебе необрезан и нечист. Истреси го од себе правот; стани, заробен Ерусалиме! Симни ги веригите од вратот свој, заробена ќерко Сионова! Зашто вака вели Господ: „За ништо бевте продадени, и без пари ќе бидете откупени.“ И уште вака вели Господ Бог: „Народот Мој одеше порано во Египет за да поживее таму, а Ашур го притеснуваше без причина. А сега што имам тука“ – вели Господ: „Народот Мој е земен без причина, владетелите нивни беснеат, вели Господ, и постојано, секој ден, името Мое се навредува. Затоа Мојот народ ќе го познае името Мое; затоа ќе разбере во оној ден дека Јас сум истиот, Кој вели: ‚еве Ме!‘“ Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: „Твојот Бог царува!“ Ете го гласот на твоите стражи! Тие кренаа глас, и сите заедно ликуваат, зашто со очите свои гледаат дека Господ се враќа во Сион. Веселете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој – го откупи Ерусалим. Ја засука Господ Својата света десница пред очите на сите народи, – и сите краишта земни ќе го видат спасението од нашиот Бог. Одете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што носите садови Господови! Зашто нема да излезете набрзина и нема да бегате; зашто пред вас ќе тргне Господ, и Бог Израелов ќе биде зад вас.
Исаија 52:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Разбуди се, Разбуди се! Облечи се со сила, Сионе; облечи се во најсјајни алишта, Ерусалиме, свети граде, зашто веќе не ќе се искачуваат кон тебе необрезаните и нечистите. Истреси го правот од себе, стани, заробен Ерусалиме! Симни го оковот од својот врат, заробена Сионска Ќерко. Да, вака зборува Господ: „Бевте продадени за ништо и ќе бидете откупени без сребреници.“ Да, вака зборува Господ: „Мојот народ слезе некогаш во Египет за да се насели таму како странец, потоа Асирците го угнетуваа без причина. Но сега, зошто Сум Јас тука - слово е Господово - кога Мојот народ беше поробен без причина, а неговите господари ликуваат - слово е Господово - и непрекратно секојдневно се хули Моето име. Затоа мојот народ ќе го запознае Моето име, и ќе сфати, во оној ден, дека Сум Јас Кој говорам: ‘Еве Ме!’“ Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение, говорејќи му на Сион: „Твојот Бог царува!“ Чуј, твоите стражари го издигаат гласот, сите заедно воскликнуваат од радост, зашто гледаат со своите очи како Господ се враќа на Сион. Ликувајте, воскликнувајте, ерусалимски урнатини, зашто Господ го утеши Својот народ и го искупи Ерусалим. Господ ја оголи Својата света мишка пред очите на сите народи, за да го видат сите краишта на земјата Спасението на нашиот Бог. Одете си, одете си, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Одете си од неговата средина! Очистете се, вие кои ги носите Господовите садови. Зашто нема да излезете набрзина, ниту ќе одите бегајќи, зашто Господ ќе ви биде претходница, а Израелевиот Бог задна стража!