Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 2:1-22

Исаија 2:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Слово, откриено во видението на Амоцовиот син Исаија, за Јудеја и Ерусалим. И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бог Јаковов; Тој ќе нѐ научи на Своите патишта и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.“ И ќе им суди Тој на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои – во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна. О, доме Јаковов! Дојдете, да одиме во Господовата светлина. Но Ти го отфрли Својот народ, до­мот Јаковов, зашто тие примија многу од источните зла и маѓесници си имаат како Филистејците, и се братимат со синови на туѓинци. Се исполни земјата негова со злато и сребро, богатствата крај немаат; се ис­полни земјата негова со коњи, колите негови број немаат. Се исполни земјата негова со идоли: тие се поклонуваат на изра­ботка од своите раце, на она што нивните прсти го направиле. Човекот е свиткан, мажот е пони­жен – не простувај им! Влези во пештерата и сокриј се во земјата од страв пред Господ и од славата на Неговото величие. Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господ Саваот против сѐ што е гордо и надуено и против сѐ што е превознесено, – и тоа ќе биде понизено, – против сите кедри леванонски, високи и величествени, и против сите дабови башански, против сите високи гори и против сите ритчиња што се издигаат, против секоја висока кула и против секоја цврста ѕидина, против сите таршишки кораби и против сите нивни украси. И ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден, а идолите сосема ќе исчезнат. И ќе влезат луѓето во карпести пештери и во земни јами од страв пред Господ и од славата на Неговото вели­чие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата. Во тој ден човекот ќе ги фрли свои­те сребрени и своите златни идо­ли, што ги направил за да им се поклонува, за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото ве­личие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата. Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, за­што – што знае тој?

Исаија 2:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Видение на Амосовиот син Исаија, за Јудеја и за Ерусалим: Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Кон неа ќе одат сите народи, ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: „Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, да отидеме во Домот на Јакововиот Бог. Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки.“ Зашто Законот ќе дојде од Сион, Господовото слово од Ерусалим. Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување. Јаковов доме, дојдете, да одиме во Господовата светлина! Да, Ти го отфрли Својот народ, Јакововиот дом, зашто е полн со вражалци од исток и гатачи како Филистејците, се побратимуваат со туѓинци. Земјата му е полна со сребро и злато, и нема крај на неговото богатство; земјата им е полна со коњи, нема број на неговите коли. Земјата му е преполна со идоли, и тие се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти. Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се снизи; не проштавај им. Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. Гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Господ ќе се возвиши, Единствено Тој - во оној ден. Да, тоа ќе биде ден на Господа над Војските, против сите горделиви и издигнати, против сите што се возвишуваат, за да ги собори; против сите либански кедри и против сите васански дабови; против сите вишнати гори и против сите издигнати брегови; против секоја висока тврдина, и против сите цврсти ѕидови; против сите тарсиски бродови, и против сите раскошни бродови. Човечката гордост ќе падне и човечката висина ќе се понижи. Господ ќе се возвиши, единствено Тој - во оној ден, и идолите на нечистите божества ќе ги снема без трага. Ќе влезат во дупките меѓу пештерите и во земните дупки, пред Господовиот ужас, пред сјајот на Неговото Величество, кога ќе стане да ја растресе земјата. Во оној ден: човекот ќе им ги фрли на кртиците и лилјаците, своите сребрени идоли и своите златни идоли на нечистите божества што си ги направил за себеси, за да им се поклонува; кога ќе избега во пештерските шупливости и во распуканиците на карпите пред Господовиот страв, пред болскотот на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. Прекратете да се надевате на човекот чиј здив е во неговите носалки: бидејќи што значи тој?