Слово, откриено во видението на Амоцовиот син Исаија, за Јудеја и Ерусалим. И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бог Јаковов; Тој ќе нѐ научи на Своите патишта и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.“ И ќе им суди Тој на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои – во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна. О, доме Јаковов! Дојдете, да одиме во Господовата светлина.
Но Ти го отфрли Својот народ, домот Јаковов, зашто тие примија многу од источните зла и маѓесници си имаат како Филистејците, и се братимат со синови на туѓинци. Се исполни земјата негова со злато и сребро, богатствата крај немаат; се исполни земјата негова со коњи, колите негови број немаат. Се исполни земјата негова со идоли: тие се поклонуваат на изработка од своите раце, на она што нивните прсти го направиле. Човекот е свиткан, мажот е понижен – не простувај им!
Влези во пештерата и сокриј се во земјата од страв пред Господ и од славата на Неговото величие. Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господ Саваот против сѐ што е гордо и надуено и против сѐ што е превознесено, – и тоа ќе биде понизено, – против сите кедри леванонски, високи и величествени, и против сите дабови башански, против сите високи гори и против сите ритчиња што се издигаат, против секоја висока кула и против секоја цврста ѕидина, против сите таршишки кораби и против сите нивни украси. И ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден, а идолите сосема ќе исчезнат. И ќе влезат луѓето во карпести пештери и во земни јами од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата. Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се поклонува, за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата. Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, зашто – што знае тој?