Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Осија 9:1-14

Осија 9:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Не радувај се, Израеле, со преголема веселба како другите народи, зашто блудствуваш, откако отстапи од својот Бог – и ги засака даровите од блуд по сите житни гумна. Гумното и кацата нема да ги на­хранат, а виното ќе ги измами. Тие нема веќе да живеат во земјата Господова: Ефрем ќе се врати во Еги­пет и во Асирија ќе јадат нечисто. Нема да вршат преливи со вино за Господ, и неугодни ќе Му бидат жртви­те нивни; лебот ќе им биде како леб на нажалени: сите што ќе го јадат, ќе се осквернуваат, зашто нивниот леб е само за душите нивни, а во домот Господов тој нема да се внесе. Што ќе правиш во деновите на соби­рите и во деновите на празниците Гос­подови? Зашто сите ќе си заминат пред запустувањето; Египет ќе ги прибере, Мемфис ќе ги погребе; нивните сребрени драгоцености коприви ќе ги прекријат, во шаторите нивни ќе обраснат трнливи грмушки. Дојдоа деновите на твојата казна, дојдоа деновите за одмазда. Нека раз­бере Израел дека е глупав претска­жувачот, безумен е оној што изјавува дека е вдахновен, поради многуте ваши беззаконија и големата омраза. Бог ме испрати како пророк, за да го предупредам Неговиот народ Израел. Но тие насекаде мрежа ми поставуваат, дури и во Божјиот дом му се противат на пророкот. Многу ниско паднаа, останаа раз­вратни како во деновите на Гива; но Тој ќе се присети за нивните беззаконија, ќе ги казни за нивните гревови. Како грозје во пустина го најдов Израел; како ран плод на смоква, ги видов Јас татковците нивни, но тие отидоа кај Ваал-Пеор и се оддадоа на срамни работи, па и самите станаа нечисти како и нивните љубимци. Славата на Ефрем ќе одлета како птица; нема да има кај нив ни раѓање, ни бременост, ниту зачнување. Па макар и да одгледаат деца свои, Јас ќе ги одземам; зашто тешко ним, кога ќе ги оставам. Ефрем е како да го гледам Тир, се поставил на убаво место; но Ефрем ќе ги изведе децата свои на клање. Дај им, Господи, а што да им да­деш? Дај им утроба што не раѓа, и – суви гради.

Осија 9:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Не радувај се, Израелу, не воскликнувај како другите народи; му се предаде на блудството, зашто, откако го остави Својот Бог, ја засака блудничката плата по сите гумна. Ни гумното ни кацата не ќе ги хранат, и младото вино ќе ги измами. Не ќе живеат веќе во Господовата Земја, Ефрем ќе се врати во Египет и ќе јадат нечисти јадења во Асир. Не ќе Му налеваат веќе вино на Господа, ниту ќе Му ги принесуваат своите жртви; лебот ќе им биде како леб на жалост, и ќе биде нечист кој ќе го јаде; зашто нивниот леб е само за нив, нема да влезе во Господовиот Дом. Што ќе правите во празничен ден, во денот на Господовиот собир? Зашто, еве како отидоа пред запустувањето; Египет ќе ги прифати, Мемфис ќе ги погребе, копривата ќе ги наследи нивните сребрени блага, нивните шатори ќе зарастат во трње. Дојдоа деновите на казната! Дојдоа деновите на одмаздата! Израел нека знае! Пророкот е луд, вдахновениот блада! Заради твоето големо беззаконие и заради големата омраза. Ефрем е стражар покрај Мојот Бог; пророкот - стапица за птици на сите негови патишта, соблазна - во куќата на неговиот Бог. Паднаа во длабока расипаност како во деновите на Гаваја; Господ ќе си спомне за нивните беззаконија и ќе ги казни нивните гревови. Го најдов Израел како грозје во пустината, ги видов вашите татковци како ран плод на смоквата; тие дојдоа во Вел Фегор, му се посветија на срамот и станаа грозотии како нивните љубимци. Ефремовата слава одлета како птица: од раѓањето, од утробата, од зачнувањето. Но иако ги одгледаат своите синови, ќе ги одземам пред добата на мажеството, да, тешко им ним кога ќе ги оставам! Ефрем е како да го гледам Тир посаден во нива, но Ефрем ќе ги води своите деца на колење. Дај им, о Господи! А што да им дадеш? Дај им утроба што не раѓа, исушени гради.