Евреите 8:6-13
Евреите 8:6-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А на нашиот Првосвештеник, Христос, Му беше доверена многу повозвишена служба од службата на оние што служат под старите закони, затоа што Тој гарантира за нас подобар завет со Бог, кој почива врз повозвишени ветувања. Ако првиот завет беше беспрекорен, немаше да има потреба да биде заменет со втор завет. Бог лично не беше задоволен од народот, па рече: „Ќе дојде ден кога со израелскиот и со јудејскиот народ ќе склучам нов завет, поинаков од заветот што го бев склучил со нивните предци, кога водејќи ги за рака ги изведов од Египет. Тие го прекршија Мојот завет, па затоа и Јас им го свртев грбот. Ова е новиот завет што јас ќе го склучам со израелскиот народ во тој ден: Јас, Господ, ќе ги ставам Моите закони во нивните умови и ќе ги запишам во нивните срца. Јас ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. Никој од нив повеќе не ќе треба да го учи соседот свој или братот свој, велејќи му: ,Треба да Го запознаеш Господ‘, зашто сите ќе Ме познаваат, од мало до големо. Ќе им ги простам нивните престапи и никогаш повеќе нема да ги спомнувам нивните гревови!“ Кога Господ зборува за Нов завет, тоа значи дека претходниот го прогласува за застарен. А се што е застарено и бескорисно набргу ќе исчезне!
Евреите 8:6-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А сега Тој доби толку подобра служба, и стана посредник на подобар завет, кој е утврден врз подобри ветувања. Зашто, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара втор. Но, укорувајќи ги, вели: „Ете идат денови, вели Господ, и со домот Израелов и со домот Јудин ќе склучам нов завет, но не таков завет каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од земјата египетска, – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги оставив, вели Господ. Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израелов во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И ниеден нема да го учи својот ближен, и ниеден братот свој: ‚Познај Го Господа‘, зашто сите, од мал до голем меѓу нив, ќе Ме знаат, бидејќи ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“ А кога вели „нов завет“, првиот го направи застарен; а она што е старо и застарено, близу е до исчезнување.
Евреите 8:6-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И сега, доби толку повозвишена служба, колку што е посредник на подобриот завет, што е озаконет врз подобри ветувања. Зашто, ако оној првиот завет беше без недостаток, не ќе се бараше место за вториот. Зашто укорувајќи ги, им вели: „Еве, идат денови вели Господ, и ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом; не онаков каков што склучив со нивните татковци, во оној ден кога ги зедов за рака, за да ги изведам од Египетската Земја, зашто тие не му останаа верни на Мојот завет, и Јас не се погрижив повеќе за нив, - вели Господ. зашто ова е Заветот со кој ќе го заветувам Израелевиот дом по оние денови, вели Господ: ќе ги вложам Своите закони во нивниот ум, и ќе ги напишам во нивните срца. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И ниеден веќе нема да го поучува својот ближен и ниеден својот брат, велејќи: „Познај Го Господа, зашто ќе Ме познаваат сите од малиот до големиот меѓу нив, зашто ќе бидам милостив кон нивните неправди, и нема веќе да си спомнувам за нивните гревови!“ А кога вели „Нов“, со тоа го прогласил првиот за застарен. А што старее и оветвува не е далеку од исчезнувањето.