Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 2:9-18

Евреите 2:9-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест! И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава. Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа, кога на Бог Му се обраќа со следниве зборови: „Твоето име меѓу браќата ќе Го проповедам, и сред собранието ќе Те прославувам!“ А го рече и следното: „Во Бога ќе ја положам Својата доверба.“ И потоа: „Еве Ме заедно со чедата што Ми ги даде Бог!“ Бидејќи „чедата“ - како што Тој ги нарече - се луѓе од крв и месо, и самиот Исус стана како нив, со цел преку Својата смрт да го уништи Ѓаволот, кој ја има власта над смртта, и да не ослободи сите нас, кои цел живот живееме како робови на стравот од смртта. Јасно е дека Исус не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци. Затоа, Тој мораше во се да стане сличен на Своите „браќа“, за да стане нивни верен и милостив Првосвештеник пред Бог. Така можеше да принесе жртва што ќе ги отстрани гревовите на луѓето. Сега, кога и Тој помина низ страдања и искушенија, може да ни помага кога ние минуваме низ искушенија.

Евреите 2:9-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А гледаме дека Исус Христос, Кој за кратко време беше поставен пониско од ангелите, поради претрпената смрт беше овенчан со слава и чест, та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите. Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, при донесувањето на многубројните чеда во слава, преку страдања да го усоврши Зачетникот на нивното спасение. Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и за­тоа Исус не се срамува да ги нарече браќа, велејќи: „Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, среде собранието ќе Те славам.“ И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И одново: „Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог.“ А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство. Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авра­амовите потомци; затоа Тој мораше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.

Евреите 2:9-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Но Го гледаме Исуса „Кој беше направен само за малку понизок од ангелите“ - овенчан со слава и чест заради смртното страдање, та по Божјата благодат да ја вкуси смртта за сите. Зашто Му прилегаше Нему, заради Кого е сѐ и преку Кого е сѐ, откако приведе многу синови во слава, преку страдањата да Го усоврши Началникот на нивното спасение. Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветувани, сите се од Еден; затоа не се срами да ги нарече браќа кога вели: „Ќе им го навестам Твоето име на Своите браќа, ќе Те фалам среде собранието,“ и пак: „Јас ќе се надевам на Него,“ и пак: „Еве јас и моите деца, кои ми ги даде Бог.“ Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, и со смртта да го уништи оној, кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот, и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство. Зашто навистина, Тој не им даде помош на ангелите, туку дава помош на Аврамовото семе. Затоа требаше во сѐ да стане како Своите браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник пред Бога, за да изврши помирување за гревовите на луѓето. Бидејќи, затоа што и Самиот трпеше кога беше искушуван, може да им помогне на оние кои се искушувани.