Евреите 13:5-9
Евреите 13:5-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во вашите постапки не бидете алчни за пари. Бидете задоволни со тоа што го имате. Господ ни ветува: „Нема да ве оставам, нема да ве напуштам!“ Затоа храбро можеме да кажеме: „Јас не страхувам, зашто Господ е со мене; што може да ми направи човекот?“ Повик на следење добар пример Помнете ги вашите старешини кои први ви ја проповедаа Божјата порака. Видете го резултатот од нивниот начин на живеење и земете ја за пример нивната вера! Исус Христос не се менува: Тој е истиот, вчера, денес и засекогаш! Не дозволувајте да ве заведат со некои чудни учења. Внатрешната сила се добива преку Божјата дарежлива благонаклоност, а не преку држење обичаи за храна; оние што се држеа до овие обичаи, немаа никаква полза од тоа.
Евреите 13:5-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она што го имате. Зашто Тој рекол: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“; така што слободно да велиме: „Господ ми е помошник, и нема да се плашам; што може да ми направи човек?“ Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Не бидете завлечени од разни туѓи учења; зашто е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со уредби за јадења, од кои немаа никаква полза оние што ги применуваа.
Евреите 13:5-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Нека вашето однесување биде слободно од среброљубие. Бидете задоволни со она, што го имате, зашто Тој рече: „Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те оставам!“ Затоа можеме смело да речеме: „Господ ми е помошник, нема да се плашам, што може да ми направи човек?“ Помнете ги своите водачи, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте на крајот на нивниот начин на живеење, Подражавајте ја нивната вера! Исус Христос е ист вчера, и денес, и довека. Не дозволувајте да ве заведат со разни и туѓи науки, зашто е добро срцето да биде зацврстувано во благодат, а не со јадења, од кои немаа полза оние, кои живееја преку нив!