Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 12:18-24

Евреите 12:18-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Вие сега не пристапувате кон материјална планина како тогашните Израелци кон Синај, ни кон разгорен оган, ни кон темни облаци, ни кон луња, ни кон звук на труба, ниту кон силен глас (Израелците слушнаа таков глас, па молеа другпат да не им зборува!) Тие не можеа да ја поднесат заповедта: „Дури и животно ако се допре до планината - да биде погубено со каменување!“ Целата таа глетка беше толку страшна, што и самиот Мојсеј изјави: „Толку сум исплашен што треперам од страв!“ Напротив, вие сега дојдовте на гората Сион и во небесниот Ерусалим! Тоа е градот на живиот Бог, полн со свечен собир на неброени ангели. Тука се собрани првородените Божји чеда, чии имиња се запишани на небесата. Тука е Бог, Судијата на целиот човечки род. Тука се и душите на праведниците, кои сега се доведени до совршенство. Тука е Исус, посредникот на Новиот завет меѓу Бог и луѓето, чија пролеана крв ветува многу подобри нешта од крвта на Авел!

Евреите 12:18-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорени­от оган, кон облакот, и темнината, и лу­њата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.“ И толку страшна беше глетката, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“ Но вие пристапивте кон Сион и гра­дот на живиот Бог, небесниот Еру­са­лим, и кон безбројните ангели, на све­че­ниот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бо­га, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совр­шен­ство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата.

Евреите 12:18-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто, вие не пристапивте до гората, што може да се опипа и што е пламната во оган; ни до темнината, ни до мракот, ни до виорот, ни до трубниот глас, ни до гласот на зборовите, за кои слушателите молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да ја поднесат заповедта: „Ако и животно се допре до гората, нека биде каменувано.“ А глетката беше толку страшна, така што и Мојсеј рече: „Исплашен сум и треперам.“ Туку, вие пристапивте до Сионската Гора, и до градот на живиот Бог, Небесниот Ерусалим: до десетици илјади ангели, до свечениот соборот и заедницата на првородените, кои се запишани на небесата, и до Бога - Судијата на сите, и до духовите на усовршените праведници; до Исуса, посредникот на Новиот Завет и до крвта за попрскување, која зборува подобро од Авеловата.