Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 12:1-6

Евреите 12:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што не задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да не заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. Тој го поднесе срамот кога беше распнат на крст, знаејќи дека Го очекува голема радост и сега седи на почесно место, веднаш до Бог. Помислете само низ што се помина Исус и какви навреди од грешниците истрпе! Затоа и вие не потклекнувајте и не дозволувајте да бидете обесхрабрени! Зашто, во вашата досегашна борба против гревот, се уште никој од вас не настрадал до смрт! Зарем ги заборавивте предупредувачките зборови што ви ги упати Бог како на Свои деца: „Чеда Мои, сфатете ги сериозно Божјите казнувања и не обесхрабрувајте се кога Тој ве укорува, зашто, Господ ги казнува оние што ги сака, и ги укорува оние што ги прифатил како Свои чеда.“

Евреите 12:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе се­какво бреме и грев, што лесно се при­ле­пува за нас, и со трпеливост да по­бр­за­ме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, по­ради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји. Мислете на Оној Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не станете малодуш­ни! Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв. И сте ја заборавиле утехата која вам, како на синови ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува, зашто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима.“

Евреите 12:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нѐ сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол. Имено, размислете за Него, Кој претрпе од грешниците такви противења против себеси, за да не се истоштите и за да не станете малодушни. Уште не сте се воспротивеле до крв во борбата против гревот, и ја заборавивте опомената, која ви зборува вам како на синови: „Сине мој! Не презирај го Господовото укорување, ниту ослабувај, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого го љуби, а го бие секој син, кого што го прима.“