Евреите 12:1-3
Евреите 12:1-3 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што не задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да не заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. Тој го поднесе срамот кога беше распнат на крст, знаејќи дека Го очекува голема радост и сега седи на почесно место, веднаш до Бог. Помислете само низ што се помина Исус и какви навреди од грешниците истрпе! Затоа и вие не потклекнувајте и не дозволувајте да бидете обесхрабрени!
Евреите 12:1-3 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји. Мислете на Оној Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не станете малодушни!
Евреите 12:1-3 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нѐ сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол. Имено, размислете за Него, Кој претрпе од грешниците такви противења против себеси, за да не се истоштите и за да не станете малодушни.