Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 12:1-29

Евреите 12:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе се­какво бреме и грев, што лесно се при­ле­пува за нас, и со трпеливост да по­бр­за­ме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, по­ради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји. Мислете на Оној Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не станете малодуш­ни! Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв. И сте ја заборавиле утехата која вам, како на синови ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува, зашто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима.“ Ако трпите казна, Бог со вас пос­та­пува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови. Ако се плашиме од нашите татковци кога нѐ казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи? Зашто тие нѐ казнуваат за кратко време, како што им се чинело најдобро; а Тој – за полза, та да учествуваме во Неговата светост. Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жа­лост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност. Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена“, и со нозете свои „Направете си пра­ви патеки“, та, она што е куцо, да не се повреди, туку поскоро да се исцели. Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат, да не би некој гор­члив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина; да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестив како Исав, кој за една манџа се откажа од своето право на првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен, бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорени­от оган, кон облакот, и темнината, и лу­њата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.“ И толку страшна беше глетката, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“ Но вие пристапивте кон Сион и гра­дот на живиот Бог, небесниот Еру­са­лим, и кон безбројните ангели, на све­че­ниот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бо­га, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совр­шен­ство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата. Гледајте да не Го отфрлите Оној Кој зборува. Зашто, ако не останаа неказнети оние, што откажаа да му слу­жат на оној што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои Го отфрламе Оној, Кој зборува од небесата Чиј глас тогаш ја потресе земјата, а Кој сега ветува, зборувајќи: „Уште ед­наш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото.“ Зборовите „уште еднаш“ оз­на­чу­ваат дека колебливото ќе се отстрани, та да остане само непоколебливото. И така, примајќи го непоколебливо­то царство, да искажеме благодарност со која ќе Му служиме на Бога благо­угодно со почит и во страв, бидејќи нашиот Бог е оган што из­горува.

Евреите 12:1-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што не задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да не заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. Тој го поднесе срамот кога беше распнат на крст, знаејќи дека Го очекува голема радост и сега седи на почесно место, веднаш до Бог. Помислете само низ што се помина Исус и какви навреди од грешниците истрпе! Затоа и вие не потклекнувајте и не дозволувајте да бидете обесхрабрени! Зашто, во вашата досегашна борба против гревот, се уште никој од вас не настрадал до смрт! Зарем ги заборавивте предупредувачките зборови што ви ги упати Бог како на Свои деца: „Чеда Мои, сфатете ги сериозно Божјите казнувања и не обесхрабрувајте се кога Тој ве укорува, зашто, Господ ги казнува оние што ги сака, и ги укорува оние што ги прифатил како Свои чеда.“ Издржете го строгото воспитување! Бог постапува со вас како со Свои чеда! Кој татко не го дисциплинира своето дете!? Ако сте изземени од укорувањата на кои сите деца се подложни, тогаш не сте вистински чеда, туку незаконски деца! Па и нашите земни татковци не укоруваа, па сепак ги почитувавме! Тогаш, колку повеќе треба да Му бидеме послушни на нашиот духовен Татко, за да живееме! Нашите земни татковци не караа еден кус временски период, како што сметале дека е најдобро. А Бог не кара за наше добро, зашто сака и ние да бидеме свети, како што е и Тој. Ниедно укорување не е пријатно; тоа е дури болно во времето кога го примаме. Но подоцна, оние што се одгледани во дисциплина, ќе пожнеат плод на спокојство и праведен живот. Затоа, „подигнете ги премалените раце и зацврстете ги треперливите колена!“ Чекорете по рамниот пат, за да не се онеспособат слабите и сакатите, туку напротив, да оздрават! Трудете се да живеете во мир со секого и да живеете свет живот, зашто без светост никој не ќе може да Го види Господа! Бидете внимателни, за никој да не ја испушти Божјата милостива благонаклоност. Да не изрти меѓу вас некој горчлив корен кој ќе вознемири и затруе мнозина! Будно внимавајте некој да не стане блудник или безбожник, како што беше Исав, кој за еден единствен оброк си го продаде првородството! Знаете дека, подоцна, кога тој сакаше да го добие татковиот благослов, беше одбиен. Со ништо веќе не можеше да ја промени својата поранешна постапка, иако со солзи молеше. Вие сега не пристапувате кон материјална планина како тогашните Израелци кон Синај, ни кон разгорен оган, ни кон темни облаци, ни кон луња, ни кон звук на труба, ниту кон силен глас (Израелците слушнаа таков глас, па молеа другпат да не им зборува!) Тие не можеа да ја поднесат заповедта: „Дури и животно ако се допре до планината - да биде погубено со каменување!“ Целата таа глетка беше толку страшна, што и самиот Мојсеј изјави: „Толку сум исплашен што треперам од страв!“ Напротив, вие сега дојдовте на гората Сион и во небесниот Ерусалим! Тоа е градот на живиот Бог, полн со свечен собир на неброени ангели. Тука се собрани првородените Божји чеда, чии имиња се запишани на небесата. Тука е Бог, Судијата на целиот човечки род. Тука се и душите на праведниците, кои сега се доведени до совршенство. Тука е Исус, посредникот на Новиот завет меѓу Бог и луѓето, чија пролеана крв ветува многу подобри нешта од крвта на Авел! Значи, внимавајте да не одбиете да Го слушате Бога, Кој ви зборува! Никој од луѓето што не го послушаа Мојсеј, кој овде на Земјата им ја говореше Божјата порака, не се извлече! Колку потешко ќе биде да се извлечеме ние, ако не Го слушаме Оној што ни зборува од небото! Тогаш, кога од гората Синај говореше Бог, земјата се тресеше од Неговиот глас; овојпат, Тој ни ветува: „Повторно ќе ја затресам Земјата, а со неа и небото!“ Зборот „повторно“ недвосмислено значи дека се што е создадено еден ден ќе биде разнишано и однесено. Ќе останат само оние нешта кои не можат да бидат разнишани, а тоа се вечните вредности. Затоа, ние треба да бидеме благодарни што ни е дадено Царство кое не е подложно на никаков потрес! Да Му служиме на Бог со благодарност и на богоугоден начин, со страхопочит и чествување, зашто нашиот Бог е оган што проголтува!

Евреите 12:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нѐ сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол. Имено, размислете за Него, Кој претрпе од грешниците такви противења против себеси, за да не се истоштите и за да не станете малодушни. Уште не сте се воспротивеле до крв во борбата против гревот, и ја заборавивте опомената, која ви зборува вам како на синови: „Сине мој! Не презирај го Господовото укорување, ниту ослабувај, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого го љуби, а го бие секој син, кого што го прима.“ Ако трпите укорување, Бог постапува со вас како со синови. Зашто кој е тој син, кого таткото не го казнува? А ако сте пак без казна, од која сите добиле дел, тогаш сте незаконски деца, а не синови. Освен тоа, нашите телесни татковци нѐ казнуваа, и ние ги почитувавме; нема ли да Му се покориме на Таткото на духовите, и така да живееме? Имено, тие нѐ казнуваа за малку денови, како што им беше угодно, а Тој за наша полза, за да станеме учесници на Неговата светост. Навистина, секоја казна во сегашноста не изгледа дека е за радост, туку за жалост. Но, подоцна им донесува мирен плод на праведност на оние, кои се обучувале преку неа. Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена, и израмнете ги патеките со своите нозе, за да не се исколчи хромото, туку, напротив, да се исцели. Стремете се кон мирот со сите и кон светоста, без која никој не може да Го види Господа, внимавајќи да не му недостасува некому Божјата благодат, „за да не изникне некој горчлив корен“ и за да не ве вознемири, и за да не се онечистат со него мнозина; да не биде некој блудник или несвет како Исав, кој за едно јадење го продаде своето првородство. Имено, знаете дека подоцна кога сакаше да го наследи благословот, беше отфрлен, зашто не најде место за покајание, иако го бараше со солзи. Зашто, вие не пристапивте до гората, што може да се опипа и што е пламната во оган; ни до темнината, ни до мракот, ни до виорот, ни до трубниот глас, ни до гласот на зборовите, за кои слушателите молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да ја поднесат заповедта: „Ако и животно се допре до гората, нека биде каменувано.“ А глетката беше толку страшна, така што и Мојсеј рече: „Исплашен сум и треперам.“ Туку, вие пристапивте до Сионската Гора, и до градот на живиот Бог, Небесниот Ерусалим: до десетици илјади ангели, до свечениот соборот и заедницата на првородените, кои се запишани на небесата, и до Бога - Судијата на сите, и до духовите на усовршените праведници; до Исуса, посредникот на Новиот Завет и до крвта за попрскување, која зборува подобро од Авеловата. Гледајте да не Го одбиете Оној Кој зборува! Зашто, ако не избегаа оние, кои Го одбија Оној Кој предупредуваше на земјата; уште помалку ќе избегаме ние, ако се отстраниме од Оној Кој зборува од небесата! Неговиот глас ја потресе тогаш земјата, а сега ветува, велејќи: „Јас ќе ги потресам уште еднаш не само земјата туку и небото.“ А тоа „уште еднаш„ укажува на измена на она што може да се потресе како создадено, за да остане она што не може да се потресе. Затоа, примајќи го Непоколебливото Царство, да бидеме благодарни со што Му служиме благоугодно на Бога, со страв и со почитување. Зашто, нашиот Бог е оган, што проголтува.