Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 10:19-39

Евреите 10:19-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Според тоа, драги пријатели христијани, ние сега можеме смело да влеземе во Најсветото место. Тоа ни го овозможи жртвата на Исус. Тоа е тој нов пат, пат што дава живот, пат што го проби Христос за нас низ преградната завеса со тоа што во тело Тој умре за нас. Затоа, сега кога имаме Првосвештеник Кој управува со Божјиот Дом, да дојдеме пред Бог со искрени срца и со целосна доверба. Нашата опоганета совест е попрскана со Христовата крв и сега е чиста, нашите тела се измиени со чиста вода. Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде. Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела. Да не изостануваме од нашите заеднички богослужби, како што некои тоа имаат обичај да го прават, туку напротив, да се охрабруваме едни со други, особено сега кога гледате дека се приближува денот на враќањето на нашиот Господ! Ако продолжиме намерно да грешиме, откако сме биле запознати со вистината, нема веќе друга жртва што може да ги покрие нашите гревови. Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници. Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван. Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!? Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ!“ Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог! Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања! Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања. Сочувствувавте со оние што лежеа в затвор, а кога ви ги одзедоа вашите имоти, тоа го прифативте со радост, зашто знаете дека во вечноста ве очекуваат многу подобри нешта. Затоа, не отфрлајте ја таа доверба во Господ. Не заборавајте каква голема награда носи таа. Она што сега ви треба е трпение, за да продолжите да ја извршувате Божјата волја. Така ќе го добиете сето она што ви беше ветено. Зашто, ,многу бргу, Оној што треба да дојде, ќе дојде и нема да задоцни. Тие што ќе бидат праведни, преку вера ќе живеат, а со тие што ќе Ми свртат грб, нема да бидам задоволен.‘ Но ние не сме од оние што Му вртат грб на Бог и си ја запечатуваат пропаста. Ние имаме вера што ни дава сигурност дека ќе се спасиме.

Евреите 10:19-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело, имаме Врховен свештеник над до­мот Божји. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскува­ње и откако ќе го измиеме телото со чиста вода. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не изостанувајќи од собранијата ка­ко што некои имаат обичај, туку да се по­учуваме еден друг, и тоа во толку по­веќе, до колку гледате дека се прибли­жува судниот ден. Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците. Ако оној што го прекршил Мој­се­евиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го по­га­зил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го по­хулил Духот на благодатта? Зашто ние Го знаеме Оној што ре­кол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“ Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог! Потсетувајте се на вашите пора­нешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во стра­дањата, било затоа што бевте изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои исто така стра­даа, зашто и на оковите мои се со­жа­лив­те и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот. И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Бож­ја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да за­доц­ни. А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува.“ Ние, пак, не сме од оние што от­ста­пуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат.

Евреите 10:19-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светината преку крвта на Исуса, Кој ни го отвори новиот и живиот пат низ завесата, односно Неговото тело, и откако Го имаме Врховниот Свештеник над Божјиот дом, да пристапуваме со искрено срце во полна увереност на верата, со срца кои преку попрскување се очистени од зла совест и со тело измиено во чиста вода. Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела! Да не ги напуштаме своите собранија, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден друг, и тоа дотолку повеќе, доколку гледате дека наближува Денот! Зашто, ако грешиме самоволно откако го примивме полното познание на вистината, не останува веќе жртва за гревовите, туку само страшно очекување на судот и ревност на огнот, што ќе ги проголта противниците. Кога некој го презре Мојсеевиот закон умира без милост, во присуство на двајца или тројца сведоци. Колку полоша казна, мислите, ќе заслужи оној, кој Го подгазил Божјиот Син и ја смета нечиста крвта на заветот, со која бил осветен, и Го навредил Духот на благодатта? Зашто ние Го знаеме Оној Кој рече: „Одмаздата е Моја, Јас ќе вратам!“ И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“ Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог. Спомнувајте си за поранешните денови, кога просветени претрпевте голема борба на страдања, со тоа што бевте од една страна изложени јавно на хулења и неволји, а од друга страна станавте соучесници на оние кои страдат така. Зашто страдавте заедно и со оние кои беа во окови и со радост го примивте разграбувањето на својот имот, знаејќи дека имате подобар и траен имот. И така, не отфрлајте ја вашата доверба, која има голема награда. Имено, вам ви е потребно трпение, за да ја исполните Божјата волја и да го добиете ветувањето. Зашто: уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде, и нема да се забави. А Мојот праведник ќе живее од верата, ако ли се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него.“ А ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои веруваат за спасение на душата.