Евреите 10:19-24
Евреите 10:19-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Според тоа, драги пријатели христијани, ние сега можеме смело да влеземе во Најсветото место. Тоа ни го овозможи жртвата на Исус. Тоа е тој нов пат, пат што дава живот, пат што го проби Христос за нас низ преградната завеса со тоа што во тело Тој умре за нас. Затоа, сега кога имаме Првосвештеник Кој управува со Божјиот Дом, да дојдеме пред Бог со искрени срца и со целосна доверба. Нашата опоганета совест е попрскана со Христовата крв и сега е чиста, нашите тела се измиени со чиста вода. Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде. Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела.
Евреите 10:19-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело, имаме Врховен свештеник над домот Божји. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очистиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела
Евреите 10:19-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светината преку крвта на Исуса, Кој ни го отвори новиот и живиот пат низ завесата, односно Неговото тело, и откако Го имаме Врховниот Свештеник над Божјиот дом, да пристапуваме со искрено срце во полна увереност на верата, со срца кои преку попрскување се очистени од зла совест и со тело измиено во чиста вода. Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела!