Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 7:1-16

Создавање 7:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И му рече Господ на Ное: „Влезете во ковчегот ти и целото твое семеј­ство, бидејќи ти си единствениот праведен пред Мене во овој род, и земи со себе од секое чисто животно по седум од машки и женски пол, а од нечистите животни – по две, машки пол и женски пол; исто така и од небеските птици по седум, од машки и од женски пол, за да им се зачува родот нивни по целата земја. Зашто по седум дена ќе пуштам дожд на земјата, што ќе се излива четириесет дена и четириесет ноќи, и ќе го истребам од земјата секое суш­тество, што сум го создал.“ И Ное направи сѐ што му заповеда Господ. А Ное имаше шестотини години ко­га се случи потопот на земјата. И влезе Ное во ковчегот, и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови со него, заради водениот потоп. И од чистите и од нечистите животни, и од птиците и од сѐ што се влечеше по земјата, влегоа кај Ное во ковчегот по две, машко и женско, како што Бог му заповеда на Ное. А по седмиот ден дојдоа водите од потопот на земјата. Во шестотата година од животот на Ное, во вториот месец од таа година, седумнаесеттиот ден од месецот, во тој ден бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески; и се лиеше дожд на земјата че­тириесет дена и четириесет ноќи. Во истиот ден во ковчегот влегоа Ное, неговите синови Сим, Хам и Јафет, и жената Ноева, и трите жени на синовите негови со нив. Тие, и сите ѕверови според родот нивни, и добитокот според неговиот род, и сите гадинки, што се влечеа по земјата, според нивниот род, и сѐ што лета, според родот негов, сите птици и сѐ што има крилја, влегоа во ковчегот кај Ное по две од секое суштество, во кое имаше животен дух; и тие што влегоа, машки и женски пол влегоа од секое суштество, како што му беше заповедал Бог. Потоа Господ го затвори ковчегот однадвор.

Создавање 7:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Господ му рече на Ное: „Влезете: ти и сето твое семејство во бродот, зашто видов дека единствено ти си праведен пред Мене во ова време. Земи со себе од сите чисти животни по седум двојки: машкото и неговата женка. Исто така од небесните птици по седум двојки - машкото и женката - за да им се запази семето на земјата. Зашто, по седум дена, ќе пуштам дожд на земјата: четириесет денови и четириесет ноќи, та ќе го истребам од лицето на земјата секое живо суштество, што сум го создал.“ Ное направи сѐ, како што му нареди Господ. Ное имаше шестотини години кога потопот дојде на земјата. И пред потопните води влегоа во бродот со Ное: неговите синови, неговата жена и жените на неговите синови. Од чистите животни и од животните што не беа чисти, од птиците, од сѐ што лази по земјата, влегоа по две - машко и женско - во бродот, со Ное, како што Бог му заповеда на Ное. А на седмиот ден, потопните води заплискаа врз земјата. Во оној ден - на шестотата година на Ноевиот живот, во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот - бликнаа сите извори на бездната, се отворија сите небесни брани. И дожд удри да паѓа по земјата четириесет денови и четириесет ноќи. Во оној ден влегоа во бродот Ное и неговите синови: Сим, Хам и Јафет, Ноевата жена и трите жени на Ноевите синови со нив; тие, и сите видови животни: добитокот, лазачите што ползат по земјата, птиците и разновидни крилести суштества, влегоа во бродот со Ное, по две од сите суштества што имаат во себе жива душа. Сѐ што влезе беше двојка: машки и женски пол од сите суштества, како што Бог му нареди на Ное. Тогаш Господ ја затвори вратата зад него.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност