Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 6:9-22

Создавање 6:9-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еве го животот на Ное: Ное беше човек праведен и непорочен во својот род; Ное живееше според Божјата волја. И му се родија на Ное три сина: Сим, Хам и Јафет. А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда. И погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секое суш­тество беше се отклонило од својот пат на земјата. И му рече Бог на Ное: „Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата. Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер, и направи прегради во ков­чегот; потоа намачкај го со смола од­нат­ре и однадвор. А изгради го вака: должината на ковчегот да биде триста лакти, ширината негова педесет лакти, а во висина да е триесет лакти. Направи отвор на ковчегот, и засводи го на еден лакот одозгора; стави му и врата на ковчегот отстрана и нека има три ката во него: долен, среден и горен. Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да го истребам под небото секое суштество, во кое има животен дух; сѐ, што е на земјата, ќе изгине. Но со тебе Јас ќе направам Свој завет, а во ковчегот ќе влезеш ти, и со тебе и синовите твои, и жената твоја, и жените на синовите твои. И внеси во него исто така од сите животни, од секое суштество да има по две, за да останат со тебе во живот; од машки и од женски пол да бидат. Од птиците според родот нивни, и од добитокот според родот негов, и од сите влекачи според нивниот род – од сите по две ќе влезат при тебе, за да останат живи. И земи со себе секаква храна, со каква што се хранат, и чувај ја кај себе; тоа ќе биде храната за тебе и за нив!“ И направи Ное сѐ како што му заповеда Бог; така направи.

Создавање 6:9-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Еве го Ноевото родословие: Ное беше праведен и непорочен човек во свое време. Ное одеше со Бога. Три сина му се родија на Ное: Сим, Хам и Јафет. Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства. И кога Бог виде како се расипа земјата - та секое суштество на земјата се изопачило - Бог му рече на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата. Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор. А ќе го направиш вака: бродот нека биде триста лакти во должина, педесет во ширина, а триесет лакти во височина. Направи му отвор за светлина на бродот, заврши го на лакт до врвот; направи врата на бродот отстрана; направи три ката во него: долни, среден и горен. Еве, Јас ќе пуштам потоп - води на земјата - за да загине секое суштество под небото, сѐ во што има животен дух: сѐ на земјата треба да загине. А со тебе ќе склучам Завет; ти ќе влезеш во бродот - ти и твоите синови со тебе, твојата жена и жените на твоите синови. А од сѐ што е живо - од сите суштества - воведи во бродот по две од секое, за да преживеат со тебе, и нека бидат машко и женско. Од птиците според нивните видови, од животните според нивните видови, и од сите суштества што ползат по почвата според нивните видови: по две од сите нека влезат кај тебе, за да преживеат. Земи со себе сѐ за јадење па чувај го, за да има храна за тебе и за нив.“ Ное направи така. Сѐ како што му заповеда Бог, така стори.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност